Поп-пејачите без новогодишни ангажмани: Колку пари, толку музика за најлудата ноќ


 

Со семејството и пријателите, дома или во странство 2018 година ќе ја дочекаат повеќето поп-пејачи кои низ годините ретко остануваа без ангажман на 31 декември. Новогодишна „тезга“ не договорија Каролина Гочева и Елена Ристеска, а се немаат огласено ниту Калиопи и Владо Јаневски. Викторија Лоба ќе ги забавува гостите во ресторанот „Фор“ во хотелот „Парк“ во Скопје. Од домашната поп-сцена веројатно ќе заработат само оние што редовно имаат „тезги“. Димитар Андоновски со „Тајфата“ ќе ги забавува прилепчани, а Александар Белов е ангажиран во познат скопски клуб.

Во Скопје масовно ќе се слави под отворено небо само во Центар. Средствата се обезбедени преку спонзорства. На импровизирана бина на „Сквер Јадран“ ќе настапат Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова,  дуото „Некст тајм“ и групата „Ај Кју“.  Македонскиот народен театар ја продолжува традицијата со новогодишни шоуа, а овојпат настанот е насловен „МНТ Супернова 2018, соѕвездие на добрата забава!“ На иста сцена ќе настапат актерот Сашко Коцев, Бени Шаќири и „Нонстоп“, Биба Додева со својот бенд, Александар Митевски, „Дамир Имери бенд“ и легендарниот радиоводител и диџеј Драган Б. Костиќ.

Скопје и годинава нуди пристоен избор за фановите на електронскиот звук. Во Младинскиот културен центар повеќе од 1.500 „журкаџии“ ќе уживаат во богата фестивалска програма. На два подиума ќе настапат реномирани домашни и странски артисти, 21 на број.

Новогодишен аудио-визуелен перформанс е најавен и во малата сала на „Борис Трајковски“ во организација на „Сан продакшн“, со домашни и странски гости.