Поп-атракцијата „Тексас“ во петок со концерт во Скопје


Една од најголемите британски поп-рок атракции на сите времиња „Тексас“ за првпат доаѓа на Балканот. Тие ќе бидат хедлајнери во петок во СРЦ Кале, Скопје, во 21 часот, во организација на Авалон продукција. Претходно закажаниот концерт на „Скопје колинг“ беше откажан заради болест на пејачката Шарлин. „Ареа“ ќе настапи истата вечер како нивна предгрупа.

Влезниците коишто не се вратени, а беа купени за 23-ти јуни ќе важат и за настапот во СРЦ Кале, а оние што немаат влезници, ќе можат да ги набават преку продажната мрежа на Купи Карти За Се, Jуготон и онлајн на avalon.mk, по цени од 1.000 и 1.500 денари.

 „Тексас“ до 2018 година имаат продадено албуми во 40 милионски тираж, потоа, неверојатни 13 синглови кои се најдоа во престижната британската топ 10 листа, три албуми кои се најдоа на врвот на листата и осум албуми на топ 10 листата, вклучувајќи го и последниот студиски албум „Jump On Board“ кој е издаден во мај 2017 година.

Бендот се појавува во 1986 година во Глазгов со Џони Макелен и шармантната Шарлин Спитери. Групата го добива името од култниот филм на Вим Вендерс “Париз, Тексас” од 1984 година.

Меѓу најпознатите нивни синглови се: “Say What You Want”, “Halo”, “Black Eyed Boy”, “Put Your Arms Around Me”, и др.