Поповски: Шокантно е што Богов прифатил без да знае дали има поддршка


Професорот и ексминистер за финансии Никола Поповски вели дека прашањето за повторен избор на гувернерот на НБРМ е сериозно и суштинско.

„Одговорот на тоа треба да го дадат надлежните институции, претседателот на РМ и Собранието.Зачудувачки и шокантно е што предлогот на Иванов е испратен без консултации што би обезбедиле непречен избор. Шокантно е и што сегашниот гувернер прифатил да биде предложен без претходно да знае дали има доволно мнозинство за негов избор. Од тој аспект и претседателот и гувернерот преземаат преголем ризик што може да биде многу контрапродуктивен за двајцата. За гувернерот – можност да не добие поддршка, а за претседателот – да ја остави државата без избран гувернер и да ја влоши својата и онака нарушена доверба и мислење дека и по 9 години уште не се издигнал над интересите на партијата од која е предложен“, изјави Поповски за „Независен весник“. Оценка на Поповски е дека мандатот на гувернерот во минатите 7 години имаше и подеми и падови.

„Подемите беа дека се задржаа стабилноста на цените и на денарот, како и на финансискиот систем. Но, од друга страна, НБРМ ја сподели одговорноста за годините на рецесии и низок раст на економијата, особено во моментите кога ги премолчуваше или дискретно ги поддржуваше економските политики на властите, а кои сега се покажа дека биле контрапродуктивни и политички, а не економски ориентирани“, вели Поповски.

Според него, најдобро би било гувернер да се избере со општа согласност. „Доколку не се најде решение меѓу надлежните органи, тогаш ќе мора да се признае дека влегуваме во неизвесност од која никој нема да има полза. Претседателот мора веднаш да се договори со владеачкото мнозинство за избор на нов гувернер со полн капацитет“, смета Поповски.

(А.С.)