Поповски: Професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава


Професионалните и независни медиуми се гласот на граѓаните во секоја демократска држава. Оваа Влада останува посветена да го слуша гласот на граѓаните и на својот врв на приоритети е концептот на отвореност, транспарентност и пристапност.

Ова денеска го изјави министерот за транспарентност, отчетност и комуникации Роберт Поповски по повод 3 Мај – Меѓународниот ден на слободата на медиумите.

– Овој ден Македонија го одбележува во демократска слободна и европски ориентирана држава. Денес има можности за повеќе критички текстови од пофалби, има можности за сугерирање. Денес има гласност, наспроти молк. Искусивме дека молкот и цензурата резултираа со назадување. Слободно изречениот збор создава вредности и квалитет во општеството, рече Поповски.

Посочи дека медиумската сфера по 10 години за првпат е ослободена од политички притисоци, а напредокот во областа на медиумите е нотиран и во Извештајот на Европската комисија за Македонија.

Поповски оцени дека уште многу треба да се работи особено за професионално работење на Јавниот дифузен сервис за што, како што кажа, претстојат законски измени во таа насока.

– Владата постојано го прави она што е потребно за натамошна професионализација на медиумите. Се повлече од традиционалното владино рекламирње во медиумите. Се залагаме и за промена на економската состојба на новинарите, зголемување на платите и стабилност на нивните работни места. Владата нема да се меша во работата на новинарите, во нас имате сигурен партнер, рече Поповски.