Поплави во Грција, најмалку 15 загинати


Најмалку 15 лица загинаа во поплавите што денеска ги зафатија реоните на градовите Мандра и Неа Перамос, западно од Атина.

Поплави, предизвикани од бурата „Евридика“, која беше проследена со поројни дождови, се регистрирани и во местата Мегара и Магула, каде многу локални жители, како и во Мандра и Неа Перамос, остана заглавени во своите домови.

Поради поплавите затворени се повеќе училишта во тој дел на Грција, а во Мандра и Неа Перамос властите прогласија вонредна состојба. Ситуацијата постојано ја следи и грчкиот премиер Алексис Ципорас, кој на Твитер изрази жалење за жртвите и на одговорните власти им нареди да преземат брза акција за ублажување на последиците од штетата предизвикана од поплавите.

Градоначалникот на Неа Перамос, Григорис Стамулис за телевизијата „Антена“ изјави дека улиците се претворени во реки од кал, наглаувајќи дека „практично целиот град е поплавен“. „Огромни потоци од вода и кал“ течат низ улиците на Мандра каде состојбата е исклучително тешка.

Грчките телевизии емитуваат снимки од луѓе кои од поплавите избегале на балконите и покривите од своите домови.

Противпожарните служби соопштија дека добиле над 300 повици за помош.

Грција вчера прогласи вонредна состојба и на островот Сими, кој беше зафатен од бура, која предизвика прекин на струјата и водата, поплави многу домови и одвлече голем број возила во морето.