Пониски цени на земјиштето за пензионерски, детски и студентски домови


Во 58 општини во реоните пет и шест, градежното земјиште за дооформување на парцела за изградба на ученички или студенстки домови, како и домови за престој на стари лица, за деца без родители или за незгрижени лица ќе се продава со непосредна спогодба по цена од 70 денари за метар квадратен.

Како што појасни на денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, оваа цена и непосредната спогодба важат само за дооформување градежна парцела за оваа намена. Останатото земјиште на РМ и натаму ќе се продава со јавен повик. Изградбата на објектите ќе се одвива соогласно постојните урбанистички планови.

Изборот на општините, потенцира, е направен врз основа на проценките за интерес за изградба на објекти за ваква намена, но и потребата да се поттикне развојот во одредени општини.

– Одлуката за намалување на цената е дел од нашите реформски цели со кои сакаме да го стимулираме градежниот сектор. Истовремено ова е значајна социјална мерка со која ќе се овозможи згрижување и подобрување на условитре за домување и престој, рече Сугарески.

Додаде дека со оваа мерка исто така ќе се стимулира приватниот сектор, ќе се привлечат нови инвеститори, а ќе придонесе и за локален економски раст и порамномерен развој во државата.

Досегашните цени, кои за овие реони изнесуваа од 1.600 до 400 денари за населено и воннаселено место, во различни општини.

Одлуката за намалување на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување и давање под закуп ја донесе Владата на минатата седница на предлог на Министерство за транспорт и врски.