Помпео ја нарече ЕУ бирократска


Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, пред министерскиот состанок на НАТО во Брисел го нарече Брегзит повик за будење на Европската унија, критикувајќи ја индиректно со оценката дека „место интересите на граѓаните на преден план се ставени интересите на бирократите“.

Помпео порача дека има недостиг на лидерство во светот и дека претседателот на САД Доналд Трамп е подготвен да ја преземе таа улога, односно да ги врати САД на „традиционалната централна улога во светот“.

За да го оправда тоа  Помпео наброја примери за нефункционирање на сегашниот светски поредок, од тоа дека Русија окупира суверени држави, дека Иран лансира балистички ракети, дека Кина не се придржува на меѓународните трговски договори,  дека со децении има мировни мисии а нема мир, а   има терористи и диктатори.  Помпео сепак не кажа јасно како САД ќе ја преземат таа лидерска улога, така што деталјите веројатно ќе уследат на министерската средба.

Очекувањата овде во НАТО беа дека Помпео ќе побара сојузниците  да ги подржат САД во намерата да го напуштат договорот со Русија за контрола на вооружувањето што ги опфаќа ракетите од среден дострел, а кој според обвинувањата од алијансата веке со години не го почитува Москва чи развива ново оружје кое може да стигне до секој град на Европа. Според информациите од НАТО европските сојузници се уште сметаат дека договорот игра позитивна улога, додека од САД стигаат пораки дека е надминат од времето и треба да се напушти. Можно е САД да најават самоиницијативно повлекување од договорот, ако за тоа не добијат поддршка од другите во алијансата.

Слободанка Јовановска

Наш известувач од Брисел