Помали царински глоби: Популизам или олеснување на бизнисот


Популистичка ли е мерката за намалување на царинските глоби или власта ја послуша бизнис заедницата па им ги олесни условите за работа на фирмите? Прашањето се актуелизира на неколку дена пред да почнат да важат новите правила за санкционирање на прекршителите на царинската регулатива. На официјалната фејсбук страна на Министерството за финансии, под постот каде се објаснува дека со измените на Царинскиот закон во просек за 75 отсто се намалуваат глобите за царински прекршоци, стои коментар: „Можеби глобите за царински прекршоци биле превисоко поставени, но прекршок е прекршок и не дава основа за фалење. Нивното симнување може само да ги поттикне оние кои имаат намера, побезгрижно да направат прекршок“. Има и став: „Е па супер! Сега за 15 евра глоба секој ден може да се прават прекршоци. Ајде шверцери!“.

Компаниите преку стопанските комори во повеќе наврати се жалеа дека царинските казни се високи и нереални и бараа нивно драстично намалување. Оти, казнената политика е така скроена да поттикнува корупција, укажуваа бизнисмените. На ова се надоврзува податокот објавен во извештајот на Стопанската комора на Македонија, по анкетата за царинските и даночните формалности, спроведена од 27 март до 4 април годинава, дека во 2008 биле наплатени глобите за царински прекршоци во износ од 950 илјади евра а во 2016 дури 1,3 милиони евра.

Од Царинската управа велат дека со новата регулатива глобите се пропорционални на тежината на прекршоците, што е првенствено мерка за борба против корупцијата. Со ова царинскиот службеник станува извршител на строго пропишана регулатива а не еминенција чиј казнен налог е последен, без можност за жалба.

„Не се намалија глобите за тешките прекршоци, туку за ситните грешки. За оние кои се поткраднуваат во секојдневното работење на компаниите и шпедициите, каде нема намера за затајување. Во условната поделба на царинските прекршоци на тешки и лесни, кај оние 40-тина кои се водат како лесни, сега направивме градација во 4 групи. За најлесните, од типот на непријавена скината пломба, пропуштен рок или неуредна евиденција, наместо досегашните глоби од 250 евра за правно лице и 50 евра за физичко лице, сега компанијата плаќа 50 евра а физичкото лице 10 евра. Ова се прекршоци кои не предизвикуваат фискални ефекти а со старата казнена политика за нив фирмите беа безмислосно глобени. По ново, само за овие глоби останува мандатниот платен налог, зашто нема што да се спори, и глобата треба да се плати во рок од 8 дена. Доколку, пак, фирмата направи грешка во тарифниот број или во потеклото на стоката кога ја пополнува царинската декларација, тогаш следи прекршочен платен налог. Ако го плати во рок од 8 дена, износот на глобата се преполовува а ако смета дека не го сторил делото, фирмата може да поведе прекршочна постапка пред Комисија во Царината. Таму и двете страни, и фирмата и царината кажуваат аргументи. Ако фирмата е незадоволна и од овој исход, може да побара заштита од Управен суд. Ова е сосем поинаков приод, зашто досега сите овие прекршоци беа подведувани под мандатни казни, за кои немаше можност за натамошни жалби“, објаснуваат од Царинската управа, додавајќи дека измамите, криумчарењето и неплаќањето царина и натаму остануваат и кривични дела.

Во зависност од избегнатите давачки со прекршокот и вредноста на стоката, глобите прогресираат до 5.000 евра за правно лице и 500 евра за физичко лице, но според пресметките на Царината, над 90 отсто од прекршоците би завршиле со глоби од 500 евра за правно лице 50 евра за физичко лице.

Сепак. за Биљана Муратовска, генерален секретар на транспортната асоцијација „Макам-транс“, не е одлучувачка висината на глобата туку можноста од повисока инстанца да се провери дали државниот орган постапил законски.

„Преголемо намалување на казните резултира со повеќе прекршоци. Но, мора да се води сметка и казната да не биде превисока и да има олеснителни околности, што значи да биде одмерена соодветно на вината, а не за најмала ситница да се казнува. Во европските држави има второстена инстанца која прави ревизија на изречените казни, и доколку се установи дека службеникот изрекол несоодветна казна, парите се враќаат на компанијата. Царината казнуваше за такви прекршоци за кои воопшто не треба да следи санкција. На пример, имаше одредба возилото во рок од 24 часа да ја напушти територијата на земјатам што беше во многу случаи невозможн. Луѓето свесно плаќаа казна од 50 евра веднаш, и обва траеше со години. Ваквите состојби треба да се средат“, вели Муратовска, додавајќи дека европските експерти укажувале оти не треба да се говори за високи казни, туку за цврст одбранбен механизам во полза на компаниите.

Анита Салтировска