Полска и холокаустот – демони од минатото


Љупчо Поповски

Историјата секогаш може да се претвори во оружје. Или, попрецизно, секогаш кога ќе посакаат политичарите. Во Европа тоа не се случува само на Балканот (тоа историско минско поле), туку кон тоа оружје посегнуваат и многу други на истокот од континентот. Последниот случај во Полска ги крена на нозе Евреите во светот и во Вашингтон, кои ја обвинија десничарско-популистичката влада дека со закон сака да ја менува историјата и трагичните настани од Втората светска војна.
Полска е исклучително чувствителна кога во светските медиуми, па дури и во изјави на некои државници, нацистичките концентрациони логори се нарекуваат „полски логори на смртта“. И целосно е во право. Нацистичка Германија ги изгради логорите Аушвиц-Биркенау, Собибор, Треблинка, Хелмно, Белзец и Мајданек на окупираната полска територија и СС-офицери управуваа со нив. Стражари не беа Полјаци, туку многу често Украинци и Латвијци. Во овие логори беа убиени половина од шесте милиони европски Евреи и уште два милиони Полјаци. Тоа е едно од најголемите злосторства во историјата на човекот. Секоја полска влада имаше поставено задача да го исчисти од светската јавност овој непримерен историски атрибут. Во 2012 година тогашниот американски претседател Барак Обама мораше да се извинува за употреба на погрешни зборови кога го спомена постоењето на „полските логори на смртта“ во Втората светска војна. Меѓу 2008 и 2015 година полските власти издадоа дури 912 соопштенија како одговор на споменувањето на „полските логори на смртта“.
Оваа полска влада на бранот на патриотизмот и величењето на нацијата ја прошири историската чувствителност и подготви, а парламентот изгласа закон со кој ќе биде казнет парично или до три години затвор секој што ќе ја обвини „полската нација за холокаустот“. Владата соопшти дека со тоа испраќа јасен сигнал до светот дека нема да дозволи Полска и понатаму да биде навредувана. Поранешната премиерка Беата Шидло објаснуваше дека законот бил неопходен: „Ние Полјаците сме жртви, како што беа Евреите. Должност на секој Полјак е да го брани доброто име на Полска“.
Со овој законски „сертификат за невиност“ Полска сака да се исчисти од злоделата што некои нејзини граѓани ги направиле за време на владеењето на Третиот рајх со нивната земја. За разлика од другите окупирани земји од нацистичка Германија, во Полска немаше колаборационистичка влада, имаше полициски служби, но не и организирана марионетска власт. Но, како и кај секоја нација, и кај Полјаците сите нејзини членови не се праведници. Многу Полјаци, што поради парични награди, што поради антисметизам, што поради притисок, имаа свој удел во холокаустот. Со децении пред Втората светска војна антисемитизмот имаше раширено големи корени во Полска, меѓу другото и поради огромното влијание на католичката црква. Таму пред војната живееја најмногу Евреи од која било европска земја – 3,2 милиони, 10 отсто од популацијата. Сега едвај 10.000 луѓе отворено се изјаснуваат дека се Евреи. Во епицентарот на погромот, во Германија, денес живеат неспоредливо повеќе – 275.000 Евреи. Многу од Евреите во Полска не загинаа од теророт на нацистите, туку од рацете на нивните сограѓани Полјаци.
Законот предизвика бура од гнев во Израел. Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека никој не може да ја промени историјата ниту, пак, холокаустот може да биде негиран. Официјалниот израелски музеј на холокаустот „Јад Вашем“ испрати соопштение во кое наведува дека овој несреќен закон не може да ги замагли историските вистини дека одреден сегмент на полската популација учествувала во злосторствата против Евреите. Американскиот Стејт департмент соопшти дека законот ја поткопува слободата на говорот и академскиот дискурс и нагласува дека е загрижен за последиците околу полските стратегиски интереси и односи. Во Израел уште потсетуваат дека кога пред една година таму беше во посета полскиот претседател Анджеј Дуда (тој има уште две недели за да го потпише указот за законот) изјави дека историската вистина не е секогаш убава и дека тоа се однесува и на полската нација. „Во секоја нација има примерни луѓе, но има и зли луѓе, и тие што се однесувале нечовечки треба да се осудат“.
На кого мислеше тогаш претседателот Дуда? Дали на истите оние луѓе поради кои во 2001 година тогашниот претседател Александар Квашњевски му понуди извинување на Израел поради улогата на некои Полјаци во холокаустот. Дали Дуда мислеше на оние луѓе што во две експлозивни книги ги опишаа двајцата историчари, Полјаци по потекло, Јан Грабовски и Јан Грос? И двајцата сега живеат во странство: Јан Грос предава историја на американскиот Универзитет Принстон, а Грабовски предава историја на Универзитетот во Отава, Канада. Кога Јан Грос во 2000 година ја објави славната книга „Соседи“ тоа беше шок за целото полско општество и катализатор за одложената потрага по вистината за настаните од војната. Во неа со историски документи и со искази на сведоци се раскажува за масакрот во малото место Једвабне од јули 1941 година, кој остана запаметен од локалните жители, но заборавен од историјата. Тогаш половината од жителите на местото, Полјаци, ја затвориле во штала другата половина – 1.600 Евреи и ги запалиле живи. Само седуммина Евреи од жителите на гратчето успеале да се спасат. Без никаква милост тие ги испратиле во ужасна смрт нивните соученици, соседи, луѓето од кои купувале и на кои им продавале – оние со кои го живееле нивниот живот.
Грабовски во 2011 година во Полска ја објави книгата „Лов на Евреи“, асоцирајќи на германскиот термин на овој лов „judenjagd“. Истражувајќи ја само микроисторијата на еден рурален округ во југоисточна Полска, Даброва Тарновска, Грабовски го опишува прогонот на Евреите од нивните полски сограѓани. Грабовски го документира учеството на локалните полски жители во откривањето и убивањето на Евреите кои ја барале нивната помош. Според документите, од 60.000 жители на округот, 5.000 биле Евреи и речиси сите биле испратени во конц-логорот Белзец. Петстотини од нив успеале да избегаат и се криеле меѓу Полјаците, но само 38 од нив успеале да ја преживеат војната. Сите други, открива Грабовски, биле откриени, предадени и убиени на директен или индиректен начин од нивните полски соседи.
Дали претседателот Дуда мислел и на членовите на полската Сина полиција која беше чувар на еврејските гета во многуте полски градови и кои биле одговорни за многу убиства. Подредени на германската команда тие можеби и не биле во состојба да постапуваат поинаку, но дали нивното учество во погромот треба да биде избришано од историјата? Грабовски проценува дека дури 200.000 Евреи биле директно или индиректно убиени од нивните полски соседи. Тоа е огромна бројка и е речиси невозможно да се докаже нејзината точност.
Но, другата, хуманата страна на однесувањето на Полјаците е поголема. Стотици илјади Полјаци ги доведоа во опасност своите животи со тоа што криеја Евреи. Музејот „Јад Вашем“ во Ерусалим има наведено 6.706 Полјаци кои се признаени како „праведни меѓу народите“ поради нивната помош на прогонетите Евреи. Најмногу од која било земја од Европа. Треба да се знае дека единствено во Полска нацистите воведоа смртна казна за сите што им помагаат на Евреите и наводно (иако нема целосни релевантни податоци) дури 30.000 Полјаци биле убиени поради тоа. Најпознатиот случај е оној на семејството Улма. Поради тоа што криело Евреи, било убиено целото семејство – родителите и нивните шест деца, заедно со Евреите што биле кај нив.
Соочувањето со историската вистина е ужасно тешко за сите нации, а особено за посткомунистичките. Во многу земји злосторствата од Втората светска војна што ги направиле нивните жители, за да ја избришат вината на нацијата, историчарите им ги припишуваат на нацистите. За полесно справување со гревовите. Американскиот историчар Тимоти Снајдер ги нарече „Крвави земји“ (Bloodlands) државите од регионот – Полска, Украина, Белорусија, балтичките земји и западна Русија каде што има обиди да се изменат улогите на злосторници и жртви. Украина во 2015 година усвои закон со кои граѓаните се обврзани да им оддадат почест на украинските националисти во Втората светска војна, кои на почетокот соработуваа со нацистите во масакрите на Евреите и Полјаците. Властите во Варшава беа гневни по ваквиот чекор за бришење на историската вистина, а сега тргнаа по истите стапки.
Во Литванија минатата година еден голем издавач ги повлече сите книги на познатата писателка Рута Ванагиате откако таа обвини дека познатиот литвански националистички херој, всушност, бил соработник на нацистите. „Јас уништив сѐ. Ја уништив својата кариера како писател бидејќи ниеден издавач веќе не ме сака и ниту една книжарница не сака да ги продава моите книги“, кажа Ванагаите за магазинот „Њујоркер“.
Историските црни дамки уште ги трауматизираат „Крвавите земји“ и 73 години по крајот на војната. Изгледа дури и бесмислено да се замолат Полјаците, Украинците, балтичките нации, а овде Србите и Хрватите, дека војната не може повторно да се води. Таа заврши во 1945 година. Но на историјата може да ѝ се даде ново оружје за да изгледа прифатлива за оние што сакаат да ги скријат демоните од минатото.