Половина Скопје ќе стане лизгалиште


 

Половина Скопје ќе стане лизгалиште ако се остварат прогнозите на синоптичарите за екстремно ниски температури до крајот на неделава, а во меѓувреме снегот не се исчисти. И покрај напорот на зимската градска служба и оние општинските, се чини дека голем дел од јавните површини во текот на вчерашниот ден како да не виделе лопата и сол. На некои навистина не се интервенираше, а на голем дел јавни површини снегот што непрекинато врнеше го затрупуваше претходно исчистеното. Дури и некои градски сообраќајници наместа не беа проодни. Доказ за тоа се неколкуте скратени и укинати линии по кои сообраќаат автобусите на ЈСП.

Неисчистен снег и до десет сантиметри имаше во делови на градскиот плоштад, Камениот мост, приодите до Клинички центар, на градските паркиралишта, автобуските постојки… Ништо не беше поразлична ситуацијата и пред излозите на неколку култни бутици, кафетерии, ресторани. Генерално, десетици црни точки имаше во центар, а уште толку и по општините, а најкритично беше движењето на местата каде што место коцки сега има мермер, како улица „Македонија“ и градскиот плоштад.

А, во случајот законот е јасен. Во рок од 6 часа од почетокот на снежните врнежи, општините и Град Скопје имаат обврска да го исчистат снегот од јавните површини. Според законот за јавна чистота, за чистење на снегот од тротоарите пред станбените објекти, за посипување на тротоарите со сол, за чистење на сопствените дворови, како и за чистење на снегот од покривите, се грижат сопствениците, односно закупците.

Во меѓувреме, градските власти апелираат за соработка и внимателност на граѓаните.

„Доколку навреме не се исчисти снегот од приодите до објектите, постои можност од појава на голомразица која ќе го отежни движењето на граѓаните и извршувањето на секојдневните обврски. Зимската служба на Градот Скопје будно ја следи состојбата на терен и, во согласност со надлежностите, интензивно ги расчистува градските улици и булевари, плоштадите и приодите до јавните институции и згради. Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување“, велат од Град Скопје. Оттаму апелираат, поради најавените екстремно ниски температури во текот на наредните денови, граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска и да го исчистат снегот од приодите до нивните објекти.

Во борбата со снегот ќе се стопат 5,5 милиони евра

За ангажирање на механизација и за набавка на индустриска сол и ризла, во зимската сезона 2017-2018 година, планирано е да се потрошат околу 340 милиони денари јавни пари, односно околу 5,5 милион евра. Ова се резултати од истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Според истражувањето во кое се опфатени 55 постапки за јавна набавка за зимско одржување, најмногу пари ќе потрошат „Македонија пат“, Градот Скопје и Општина Гази Баба. Најмногу, односно 3,1 милиони евра ќе бидат потрошени од ЈП „Македонија пат“, кое е задолжено за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Очекувано, следен на листата според големината на договорите е Градот Скопје. Договорот за ангажирање 15 специјални возила со соларка и плуг за зимско одржување на сообраќајници на територија на Град Скопје е склучен на 18 јули 2017 година и тоа во период од две години. Вкупната вредност на договорот склучен со „Аполо инженеринг“ – с. Шишево, Скопје, изнесува 813 илјади евра. Во однос на набавката на сол, Градот Скопје сѐ уште нема склучено договор, но проценетата вредност на договорот изнесува 220 илјади евра.

Казни и до 4.000 евра за неисчистен снег

Законот за јавна чистота предвидува глоба во износ од 1.000 евра да му се изрече на правното лице сопственик, односно корисник на јавен објект ако не го исчисти снегот од отворениот простор пред јавниот објект.Глоба во износ од 4.000 евра ќе му се изрече за прекршок на правно лице ако не обезбеди редовно и квалитетно одржување на јавна чистота и чистење на снегот на јавни површини во зимски услови.

В четврток и до 15 степени под нулата

В четврток ќе биде многу студено, се очекува минималната температура на места да биде и до 15 степени под нулата. Во Скопје живата во термометарот ќе падне 10 степени под нулата.

Од Управата за хидрометеоролошки работи прогнозираат дека снежните врнежи денеска ќе бидат со намален интензитет во споредба со вчера. Слаб до умерен снег ќе има во западните делови од државата. Кон крајот на неделата се очекува земјата да излезе од студениот и снежен бран кој настапи од завчера.

Според УХМР, до вчера до 16 часот најмногу снег наврнало на Маврово, каде што снежната покривка изнесувала 85 сантиметри. Во Тетово наврнале 24 сантиметри снег, во Скопје 14, а во Прилеп снежната покривка изнесувала само 4 сантиметри.

Деспина Трајковска-Димова

Фото: Борис Грданоски