Полицијата на Косово демантира дека имало пукотници во Дреница


Приштина – Полицијата на Косово (ПК) преку соопштение ја информира јавноста за завршувањето на дводневаната посета на претседателот на Србија Александар Вучиќ, а за денешните протести во областа Дреница, со кои Вучиќ беше спречен да го посети селото Бање, оцени дека поминаа на мирен начин и без ниту еден инцидент..

Српскиот претседател попладнево, по завршниот митинг што го одржа во Северна Митровица, го напушти Косово преку граничниот премин Јариње, информира полицијата.По протестите и блокадите организирани од организациите на ветераните на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Владата во Приштина му ја повлече на Вучиќ дозволата за посета на областа Дреница, односно на селото Бање, населено со околу 300 припадници на српската заедница. Вучиќ се обиде по споредни патишта да стигне во Бање, но беше вратен назад од косовската полиција, по што на жителите на Бање, кои беа собрани во центарот на селото за да го пречекаат, им се обрати по телефон од Северна Митровица.

– Во врска со ситуацијата и одлуката на државните институции на РКС (Република Косово) во врска со посетата на српскиот претседател на регионот на Дреница, полицијата на Косово ги презеде сите потребни мерки за реализација и имплементација на оваа одлука. Делегацијата со српскиот претседател беше вратена во регионот на северна Митровица кон граничниот премин Јариње и истиот ја напушти територијата на Косово во 13:50 часот, се вели во официјалното соопштение на ПК.

Во врска со извештаите во медиумите во Србија, кои ја следеа посетата на Вучиќ на Косово, дека на барикадите имало вооружени лица и рафали од огнено оружје, полицијата вели дека за такви случувања засега нема никакви информации.

– Што се однесува до извештаите во српските медиуми, каде што се вели дека се слушнати пукотници во овој регион, ПК нема информации за пукотници и не може да потврди таква вест (…) Полицијата на Косово ќе ја продолжи истрагата со релевантните полициски единици за расветлување на таквите информации, се вели во соопштението.

Во него, исто така, се напоменува дека сите дејствија по повод посетата на Вучиќ полицијата ги презела согласно косовските закони и одлуките на државните институции на Косово и дека дејствувала „врз основа на оперативен план за запазување на редот и мирот во земјата, како и за гарантирање на безбедноста за Вучиќ и неговата придружба.

– Денеска во утринските часови косовската полиција доби информации за собири на граѓани и блокади на патиштата во регионот на Дреница, заради протест поради посетата на српскиот претседател на таа област. Полицијата на Косово ги презеде сите оперативни дејствија за запазување на редот и општата безбедност, а ситуацијата беше мирна и нема информации за било каков инцидент, се вели во соопштението на косовската полиција по завршувањето на посетата на претседателот на Србија Александар Вучиќ на Косово.