Политички спектакл околу препораката на ЕУ


Вчера во Собранието се случи своевиден „фестивал„ на политички кич, така што место да се расправа критички за новиот извештај на ЕУ и за препораката, се организираше спектакл со над двеста гости, меѓу кои како главен говорник и еден Американец, аналитичарот Даниел Сервер.Иако ова е десетта препорака за Македонија и осма позитивна, и иако реално и натаму сме на опашката на евроинтеграцијата, во политичките кругови очигледно процениле дека има простор за славење и дека маркетиншки треба да се искористи овој настан. Од расправата сепак произлегоа некои пораки и поенти.

Големиот познавач на балканските ситуации, Сервер, ја кажа едноставната формула за членството на Македонија во ЕУ и НАТО –името мора да се реши, а патот оди преку Атина.

„Дури и ако ги направите сите нешта што ги бара ЕУ, дали Атина сѐ уште ќе биде проблем? Краткиот одговор е да, но имате избор. Постојат две насоки – надолна спирала на очај и, според мене, тоа е тажно сценарио и другата насока, која ја одбравте пред една година, е да се издигнете, односно таа е спиралата која ги прифаќа условите на НАТО и ЕУ и ја одржува државата на ова ниво, а кое со тек на време ќе го издигнува. Тоа е она што јас би го избрал“, порача Сервер, кој сега е професор на универзитетот „Џон Хопкинс“. Според него, напредокот на Балканот е во рамките на триаголникот во кој се САД, ЕУ и земјите од регионот. „Кога овие три страни се хармонизирани, ништо не може да ги спречи. Кога се надвор од рамнотежа, сите прашања дури и оние што може да влијаат на мирот и стабилноста се под опасност“.

Тој уште нагласи дека во изминатите 10 тешки години САД и ЕУ и нивната политика кон Балканот останаа исти, а тоа е дека сите земји од Балканот, кои сакаат да бидат дел од ЕУ, да станат нејзини членки. „Тоа е најдобрата сигурност што ја имаме за постојан мир и безбедност. Иако имавте сомнежи за Европа  и Европа имаше сомнежи за вас, но економијата на Европа полека закрепна и стана многу повнимателна на проблемите што ги создаде Путин од инвазијата на Украина, обидот за државен удар во Црна Гора во 2016 година и обидот за убиство на поранешниот руски агент Скрипаљ оваа година“.

Премиерот Зоран Заев најави дека до јуни Владата ќе подготви преговарачка екипа составена од претставници на институциите за преговорите со ЕУ. „По донесувањето на одлуките за преговори во јуни, ќе ја подготвиме и преговарачката екипа. Со овој чекор ќе демонстрираме сериозност“, нагласи Заев.

Претседателот на комисијата, Артан Груби, изјави дека властите се свесни оти годинава нема да станеме дел од ЕУ и НАТО, но треба да почнеме преговори. Според него, одговорноста ја носи и академската заедница, судството, медиумите и невладините организации. „За да се има доверба во процесот, оваа препорака, иако не е прва, мора да биде последна“, рече Груби.

Членот на Комисијата за европски прашања од ВМРО-ДПМНЕ, Невенка Стаменковска, рече дека Македонија добила неколку безусловни препораки во времето кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ.

„Новата Влада ветуваше дека за шест месеци ќе влеземе во ЕУ. Но, Македонија сега е најкорумпирана земја, што е нотирано во Извештајот на ЕУ. Европската комисија го забележува и политичкото влијание врз институциите. Декларативните заложби не се доволни. Граѓаните живеат полошо“, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Стаменковска. Таа ги искажа забелешките на нејзината партија дека седницата на Комисијата за европски прашања била закажана набрзина без консултации со опозицијата и без договорени и усвоени заклучоци.

(Н.В.)