„Политико“: Ова е крај на Европа каква што ја познаваме


Европа преживеа ужасна година, но помалку или повеќе остана незасегната, објави „Политико“.

Порталот под наслов „Ова е крај на Европа каква што ја познаваме (чувството е добро)“ наведува дека Европа имала пеколна недела – Париз гореше, Брегзит се претвори во психо-драма, а автократијата се враќа.

– Парадоксално е тоа што на сите им се чини дека Европа е константно на прагот на катастрофа, но таа никако да дојде, се потенцира во текстот.

Порталот посочува дека и покрај големиот број проблеми во Европа, граѓаните се изненадувачки оптимистчни, еврото е на рекордно високо ниво, возовите пристигнуваат на време, здравствените и образовните системи се пристапни и во добра кондиција, правниот систем е фер, а градовите се безбедни. Економијата и понатаму расте, а невработеноста во Европска унија е на најниско ниво од 2000 година, иако има проблеми во поединечни држави.

– Иако е лесно да се отфрли Европа како место каде навистина ништо не работи (Грција, Брегзит, Жан-Клод Јункер), некако повеќето работи функционираат, наведува „Политико“ додавајќи дека дури и мнозинството популисти се откажаа од идејата да ја напуштат ЕУ.

Порталот посочува дека за лошата репутација на Европа најлесно е да се обвинат медиумите, но оти правите виновници се нејзините политички лидери.

– Ниту една недела не поминува без некој голем предизвик за идниндата на Европа… Доколку измината деценија исполнета со постојани кризи не научи на нешто, тоа е дека европската пропаст е најмалку можна. Меѓутоа, јасно е дека таа ќе биде поинаква. Со се постара популација и гломазна бирократија, ЕУ можеби нема да биде следниот светски економски мотор. На глобална сцена Европа нема да биде таа која воспоставува трендови. Но, нејзините граѓани ќе продолжат да ја поддржуваат, од страв што може да се случи ако нејзе повеќе ја нема, се посочува во текстот на „Политико“.