Политики за во контејнер
Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ очигледно има бујна фантазија. Тоа не можеше да остане незабележано деновиве кога опозициската партија прво успеа да измисли дури 35 илјади амандмани за само 19 члена од законот за употреба на јазиците, за потоа да одекне во јавноста и пикантната приказна дека дел од тие амандмани биле, наводно, фрлени во контејнери во околината на парламентот.
Во обид да го засилат своето тврдење за уништените амандмани, од ВМРО-ДПМНЕ заклучија „мудро“ дека демократијата во Македонија, во времето на Зоран Заев, завршила во контејнер. Со една таква констатација, всушност, би можела да се согласи само политички мошне наивна публика, која би поверувала дека документи што се доставени во собраниската архива, во неколку копии, може да исчезнат во неповрат. За оние, пак, кои се малку поупатени во политичко-правните процедури, можеби, би била поверодостојна тезата дека новите сили во врвот на опозициската партија почнуваат да водат политики што треба што поскоро да завршат во канта за отпадоци пред премногу да го загадат просторот околу „белиот дворец“ во центарот на главниот град.
За волја на вистината, иако практично тоа е невозможно, немаше да биде голема штета и ако дел од опозициските амандмани навистина завршеа во контејнер. Така барем Собранието ќе заштедеше хартија, администрацијата енергија, а целта што си ја постави ВМРО-ДПМНЕ, во секој случај, ќе беше постигната. Затоа што Законот за јазиците, но и парламентот во целина, ќе беа блокирани независно од тоа дали ќе се води амандманска расправа за 35 илјади или, да речеме, за „само“ 25 илјади интервенции во спорната регулатива. За тоа, впрочем, имаме и примери од поблиската историја на парламентарниот живот во Македонија, кога во 2012 година и тогаш и сега владејачката ДУИ успеа да приреди вистински циркус со „само“ петнаесетина илјади амандмани на Законот за бранители. И тој циркус траеше со денови…
Затоа „операцијата“ што ја осмисли сега новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ не може а да не се доживее како копија на тие случувања од пред шест години, во кои главен актер беше сегашниот претседател на парламентот Талат Џафери – истиот оној кој беше избран во драматичната вечер на 27 април минатата година, а кој опозицијата не го признава. Тој, пак, сега ќе треба да најде начин како да се справи со купиштата хартија на која ВМРО-ДПМНЕ ги испиша сите точки, запирки, синоними и антоними… што ги нарече амандмански интервенции на регулативата на која стави вето шефот на државата. Сето тоа е уште еден доказ за апсурдноста на тактиката што ја презема ВМРО-ДПМНЕ кога, по трет пат за еден месец, реши да го прекине инцидентно и наменски двомесечниот бојкот на законодавниот дом, по принципот влези-излези, блокира-деблокирај, поднеси-повлечи…
Секако дека за ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија е сосема легитимно да го оспори законот за употреба на јазиците, кој е дел од преткоалицискиот договор меѓу СДСМ и ДУИ и околу кој се крена многу прашина уште кога беше најавен, така што индиректно придонесе и за „крвавиот четврток“ во парламентот. Легитимно е исто така и ВМРО-ДПМНЕ да ги користи сите расположливи механизми за оспорување на содржината на законот и на процедурите за неговото донесување. Но вистинските прашања се: зошто тогаш ВМРО-ДПМНЕ не се врати во парламентот кога се гласаше Законот за јазици пред околу две седмици; и зошто пред околу два месеци опозициската партија смисли само осумдесетина амандмани на контроверзната регулатива, за сега за 410 пати да ја зголеми бројката на интервенции. Дали причина за тоа е неинвентивноста и истрошеноста на старото партиско раководство, предводено од Никола Груевски, или станува збор за промоција на новите политики што ги најави новиот лидер Христијан Мицкоски. Ако е во прашање второто, тогаш ниту досегашното политичко неискуство на Мицковски не може да биде оправдување што ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ја води битката со политичките противници преку девалвација на државните институции.
Најмалку што се очекуваше од ВМРО-ДПМНЕ, во овие клучни моменти за интеграциските процеси на државата, е да помогне процесот на имплементација на реформскиот процес да оди полесно и побрзо и да се обезбеди консензус за клучните прашања. Наместо тоа опозициската партија реши да продолжи со блокадите – овој пат на еден поинаков начин – со политики што плачат да завршат во контејнер.
Александра М. Митевска