Покрај пајтонот, курбан ќе оди и дел од „Паркови и зеленило“


 

Градоначалникот Петре Шилегов не се откажува од идејата да го тргне пајтонот од скопските улици, атракција која според многумина и некогаш била белег на главниот град. Заедно со него планира да го згасне и ДООЕЛ „Луна“, кое е основано пред неколку години од ЈП „Паркови и зеленило“, а под негова надлежност се липицанерите и пајтонот, како и луна-паркот. Токму идејата пајтонот да стане минато за Скопје е причина зошто веќе извесен период него го влече само еден од двата липицанера, а ангажиран е и само еден пајтонџија.

„Коњите се живи и здрави, но немам намера непотребно да правиме трошоци, а приходот притоа е незначителен дури и занемарлив. Затоа пајтонот, сѐ до конечното укинување, функционира само со еден коњ и пајтонџија. Од друга страна, непотребни се и трошоците на ‘Луна’, која годишно треба да се покрива со 150.000 евра од страна на основачот претпријатието ‘Паркови и зеленило’ кое истовремено работи со загуби и го субвенционираме за делумно покривање на минусот. Затоа планирам да го затворам и ‘Луна’. Кога ќе се направи математика, во изминативе години ова значело непотребен, недоходовен луксуз“, вели во изјава за „Независен весник“, градоначалникот Петре Шилегов, според кого прашање на време е кога и формално-правно ќе се укине проектот.

За таа цел управниот одбор на ДООЕЛ „Луна“ ќе треба да донесе одлука за укинување на пајтонот, а потоа „Паркови и зеленило“, како основач на „Луна“, да го укине и друштвото. Градоначалникот пресметал дека во тој случај на годишно ниво нема, како што вели, непотребно да се трошат 150.000 евра, од кои само 30.000 евра за одржување на пајтонот.

Токму финансискиот момент, но и нерентабилноста на проектот, се главните причини зошто скопскиот градоначалник одлучи да го укине проектот, кој на голема врата се промовираше од страна на неговиот претходник како дел од „Скопје 2014“ и практично служеше за разгледување на дел од центарот на Скопје.

Во меѓувреме, „Луна“ ќе треба да донесе и соодветна одлука, која ќе се проследи до Советот на Град Скопје, со која ќе се утврди иднината на кочијата и коњите. Извесно е дека ќе се продаваат на јавна лицитација, откако претходно ќе се направи проценка за утврдување на почетната минимална цена.

Градските власти пресметале дека од почетокот на проектот до крајот на изминатата година, за пајтонот биле направени трошоци во висина од речиси 11 милиони денари, а приход од него имало незначителни 1,2 милион денари.

Пајтонот низ Скопје почна да вози во 2013 година. Откако беше набавен, Град Скопје секоја година издвојуваше по 40.000 евра од буџетот за негово одржување. За оваа атракција беа потрошени 14.000 евра, а дополнителни 18.000 евра се потрошија за набавка на двата липицанера кои беа купени од една приватна одгледувачница од Солун.

Деспина Трајковска-Димова