Покорност на (не)определено време
Здравко Савески
Кога се зборува за режимот, често се изумува дека режим немаше само на ниво на држава. Режим владееше и уште владее во многу фирми, во многу институции. Работниците се обесправени, понижувани, експлоатирани. А газдата или директорот – диктатор. Кога овој режим ќе падне, тоа е вистинското прашање.
Во една од многуте вакви институции, во Средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје, режимот и тоа како го чувствуваат. За директорката, блиска до претходната власт, како да не дошло до промена на власта. Си продолжи по старо изживувајќи се со вработените. Толку се чувствува силна на позицијата, што неодамна отпушти од работа една професорка со деветгодишен стаж во училиштето и со болно дете. Наместо, согласно законот, да ѝ го трансформира работниот однос од определено на неопределено време.
Зошто кадар на ВМРО-ДПМНЕ, од кој вработените се крајно незадоволни, сè уште не е разрешен, тоа треба да одговори надлежниот во овој случај, градоначалникот Шилегов. Веќе поминаа првите 100 дена. Не треба да се врши реваншизам и да се разрешуваат лица само затоа што биле блиски до претходната власт, но кога при еклатантни примери на акумулирано незадоволство од нечија работа, не следува разрешување – тоа значи предавство на принципите, а не обратното.
Случајот со професорката која ја изгуби работата зашто не ѝ беше апсолутно покорна на дотичната директорка е можност да проговориме за еден од основните начини за обезбедување на послушноста на вработените – договорите на определено време. Судбината на професорката е судбина на огромен број работници во Македонија, на кои договорите на определено време не им беа продолжени само затоа што не прифатиле во достатна мера да им се гази по нивните права и достоинство, или едноставно не им биле по ќеиф на газдата односно директорот.
Договорите на определено време сè повеќе се користат од газдите и институциите при вработувањето на работниците. И кога тоа го налага природата на работниот ангажман и кога не е така. Работодавачите ги преферираат ваквите договори зашто „елегантно“ можат да се ослободат од работниците кои максимално не им се послушни. Често се склучуваат договори со работниците на еден месец и се продолжуваат одново секој следен месец. Наизглед непотребно бирократско комплицирање, но комплицирање кое на работодавачот му овозможува лесно да се ослободи од непослушните и да го сече во корен секое организирано спротивставување на сопствената автократија. И на ваков начин, со масовната примена на ваквите договори се загрозува еден од важните постулати на работничките права – сигурноста на работното место. А на работниците им наметнува дух на покорност и ги принудува да „голтаат“ многу случаи на газење по правата и достоинството.
Маневарскиот простор што им го дава законот на работодавачите во однос на договорите на определено време стана петкратно поголем од она што беше пред 15 години и, онака како што сега е регулиран преку законски одредби, е значително голем. Така, според важечките законски одредби, договорите на определено време можат да траат дури пет години. Дури откако работникот ќе продолжи да работи повеќе од пет години, со него по закон мора да се склучи договор на неопределено време.
Продолжувањето на времето за кое може да се склучи договор на определено време е добар показател дека политиките на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на работничките права имаат иста насока и цел. Пред 2003 година, согласно законските одредби, само по исклучок договорот на определено време можеше да трае повеќе од една година. Во 2003 година СДСМ го зголеми овој период на три години, а во 2005 година – на четири години. ВМРО-ДПМНЕ се надоврза на трендот и во 2008 година зголеми на пет години. Со тоа што во 2011 година ја овозможи и опцијата, во практиката пред сè наменета за партиски подобните лица, работниот однос на определено време да се трансформира во работен однос на неопределено време и по две години.
По сите овие измени, со овозможувањето должината на договорите на определено време да биде пет пати подолга отколку што претходно беше случај, се отворија огромни можности за работодавачите да ги држат работниците во потчинетост. Тие и по пет години работа не можат да бидат сигурни дали ќе им престане работниот однос или ќе им биде трансформиран работниот однос во договор на неопределено време. А таа несигурност, тој страв од губењето на работното место раѓа послушност и покорност, кои траат со години.
Ако ѝ се верува на програмата на Владата за 2017-2020, СДСМ планира да поправи дел од штетата по правата на работниците што во изминатите години ја направи заедно со ВМРО-ДПМНЕ. Така, се предвидува, оваа година да се донесе нов Закон за работни односи, за кој во владината програма се наведува дека ќе бил посветен на обезбедување вистинска заштита за работниците. Што се однесува до договорите на определено време, за нив пишува дека ќе се ограничи нивното времетраење и дека до трансформација на работните односи од определено на неопределено време ќе доаѓа по шест односно девет месеци наместо по пет години.
Одличен план! Но, ќе потсетиме, зборовите без дела малку вредат. Фактички, ништо не вредат. Мора да се зголеми сигурноста на работните места! Мора да престане практиката, секој месец одново, или еднаш на три месеци, да се склучува нов договор на определено време. Ако еден ист работник, месеци по ред, е принуден да потпишува нови договори на определено време, тогаш тоа е јасен показател дека тоа не го наложува потребата од ангажирање работна сила, туку стремежот да се обезбеди апсолутна послушност на работникот. Ако еден работник со години работи на исто работно место и кога е очигледно дека има јасна потреба тоа работно место да се покрива трајно, која е логиката неговиот работен однос да биде на определено време? Логиката ја нема, но затоа ја има политичката волја да се работи на креирање законски решенија кои се во корист на газдите и олигархијата.
Ако целта на СДСМ е да донесе живот во Македонија, ако навистина сака да го подобри животот на обичниот народ, треба енергијата да ја вложи во решавањето на реалните проблеми на луѓето, а не да се занимава со „висока политика“ и да замајува со неа. Треба што побрзо да преземе чекори кои ќе направат разлика во животот на обичниот човек. Сведете ги договорите на определено време на нивната реална потреба и обем. Тоа ќе донесе трансформација на работниот однос на голем број луѓе од одредено на неодредено време. Па тие ќе можат полесно да дишат. Барем малку ќе почувствуваат поголема сигурност на работното место. Тргнете ги сите оние вмровски кадри што се на раководна позиција поради блискост со партијата, а не поради лични квалитети. И не поставувајте на нивно место лица кои се исти како нив, но ѝ се верни на вашата партија, а не на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа е нешто што го очекуваат и бараат од вас граѓаните, особено оние што гласале за вас. А не, наместо тоа, да ширите празни приказни како магично ќе се подобрел животниот стандард преку влез во НАТО. И не, наместо тоа, да ги преземате во својот табор луѓето што биле на раководни позиции за време на претходната власт и кои не уживаат поддршка во својата средина.
(Авторот е политиколог и член на Левица)