Познат идентитетот на убиените разбојници во Кисела Вода


По еднонеделна истрага, Основното јавно обвинителство ги идентификуваше двајцата разбојници што беа убиени при грабеж во менувачница во скопската населба Кисела Вода. Станува збор за македонско – српски двоец, кој поседувал богато полициско досие. Македонскиот државјанин Д.Б. бил затвореник, кој во март годинава излегол на викенд и веќе не се вратил. Неговиот идентитет беше познат веднаш по инцидентот, додека со денови траеше идентификацијата и потврдата од српските власти за вториот разбојник со иницијали Н.Т.

„Идентитетот на едниот од починатите беше утврден. Во соработка со Министерството за внатрешни работи, утврден е идентитетот и на второто починато лице преку вршење споредба на папиларните линии од прстите на рацете. Станува збор за граѓанин на Република Србија по кого поради претходно сторени кривични дела била распишана потерница. Идентификацијата е потврдена и од страна на надлежните органи од Република Србија.
Според првичните сознанија на јавното обвинителство, македонскиот државјанин кој вршејќи разбојништво настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење на слободен викенд во март годинава не се вратил во затвор. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва на банки, менувачници и обложувалници. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија.
За обвинителството првично се утврдени потребните факти и докази што ја откриваат вистината и одговорноста за тоа што се случило. За да се потврди дали навистина сопственикот на менувачницата делувал во нужна одбрана, потребно е целосно прибирање на сите докази во предметот, по што ќе следи донесување на јавно обвинителска одлука“, соопшти ОЈО.

Како што објавивме, крвавиот грабеж се случи минатиот понеделник околу 16.35 часот во менувачницата „Македонија“ на булеварот „Борис Трајковски“ во Кисела Вода. Двајца вооружени и маскирани напаѓачи влегле во објектот, го удриле со кундак 57-годишниот сопственик и му ги побарале парите од дневниот промет. Место тоа, газдата извадил пиштол и ги усмртил разбојниците.  ​(Г.А.)