Познати имиња на 39. ИФФК „Браќа Манаки“


Квалитетна филмска програма и познати имиња на светската кинематографија се очекуваат на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола, а чии подготовки влегуваат во својата завршница.

Од ИФФК „Браќа Манаки“ соопштија дека годинава ќе има 14 програми, а проширен е и кругот на селектори кои ги обликуваат програмите.

Новина е програмата „Филмски класици – Полноќен јавач“, која вклучува филмови од светската филмска антологија, за кои помладата генерација има можеби само слушнато или прочитано.

Селектор на програмата е италијанскиот режисер, кој живее во Битола, Микеле де Анѓелис, а која за публиката ќе понуди четири филма од хорор-жанрот во полноќните фестивалски часови.

Во главната програма, пак, се вклучени најновите филмски продукции на големите мајстори на филмската фотографија, што ја фасцинираа публиката и критиката, во селекција на Благоја Куновски – Доре.

– Оваа година фокус ќе биде ставен на студентската програма. Годинава ќе има студенти од 15 филмски академии, најмногу досега од почетокот на основањето на фестивалот, а тие доаѓаат со свои филмови, по чии проекции ќе има дискусии и разговори. За студентите подготвуваме и средби со филмските автори, кои со нив ќе ги споделат своите искуства, вели директорката на Фестивалот, Гена Теодосиевска.

Од ИФФК посочуваат дека и годинава ќе биде изработен фестивалскиот промотивен видео спот, под режисерската палка на Вардан Тозија.