Пожар во Јегуновце, изгорел помошен објект, три куќи делумно опожарени


Еден помошен објект целосно изгорел, а три куќи биле делумно опожарени во пожарот што околу 12 часот и 20 минути бил пријавен во тетовската Територијална противпожарна единица дека избувнал во Јегуновце,  информираше нејзиниот командир Ука Алити.

Според неговите информации, тие интервенирале со три противпожарни возила и 10 пожарникари и на местото на пожарот стигнале за 25 минути од добиената пријава. Веднаш започнале со гасење и успеале преку покривите од куќите да ги спасат од целосно опожарување, меѓутоа помошниот објект целосно изгорел.

Според Алити, пламените јазици се појавиле токму во помошниот објект и се прошириле на куќите и само со пожртвувана интервенција на пожарникарите, но и жителите на селото, како и полицијата, биле спасени куќите од опожарување.

Во пожарот нема повредени, а во гаснењето учествувало и возило на Општина Јагуновеце кое носело резерви со вода за противпожарните возила.