Под дипломатски притисок, опозицијата се враќа на зелена маса


Политичкиот консензус се „врати“ во парламентот на почетокот на оваа седмица, по бурната недела претходно кога поради силни искрења меѓу власта и опозицијата, од една страна, а од друга меѓу коалициските партнери во Владата, беше откажана втората сесија во рамки на процесот „Жан Моне“. Во меѓувреме, во земјава допатуваа европарламентарците Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн, а веднаш потоа пристигна и идниот помошник на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Проценките се дека средбите на партиските лидери со меѓународните претставници биле клучни за омекнувањето на ставовите на опозицијата, но и на владејачката ДУИ, која даваше отпор за регулирање на статусот на СЈО.
Откако министрите на ДУИ дадоа зелено светло во владата за законот за Јавно обвинителство, а ВМРО-ДПМНЕ ги поддржа во парламентот реформските закони од областа на правосудството, на повидок е и нов датум за одржување на дијалогот „Жан Моне“ – на почетокот на следниот месец – паралелно со стартот на кампањата за претседателските избори. Воспоставувањето политички дијалог, како и регуларноста на изборниот процес, всушност, се дел од критериумите што се сметаат за клучни за одлуката на ЕУ за почеток на преговори , покрај донесувањето на реформските закони, меѓу кои и регулативата што се однесува на СЈО.
Со оглед на тоа што Собранието нема да заседава од 1 април, односно од стартот на кампањата па до завршувањето на изборите некаде кон средината на мај, а европскиот самит ќе се одржи во јуни, претстојните дваесетина дена се сметаат за клучни во однос на исполнувањето на критериумите. Особено, ако се има предвид дека во мај ќе се одржуваат изборите за Европскиот парламент, така што е очекувано дека Македонија ќе биде понастрана од фокусот на дипломатите.
Се очекува пратениците од сите партиски табори да седнат повторно на заедничка маса околу 5 април за да ги усогласат последните детали од новиот деловник, чија промена се наметна како нужност за да се превенираат настани како крвавиот четврток. Од парламентот велат дека голем број од точките што треба да се менуваат се усогласени меѓу пратеничките групи, поточно меѓу мнозинството и опозицијата. Сепак, најавите се дека нема шанси да се постигне согласност за барањето на ВМРО-ДПМНЕ – имунитет на пратеник да се одзема со двотретинско, наместо со апсолутното мнозинство, и да се предвиди можност за враќање на имунитет. Овој предлог се смета за неуставен поради тоа што за верификација на мандат на пратеник се потребни 61 глас.
Поранешниот претседател на парламентот Трајко Вељаноски, кој пред извесно време предизвика политичка бура во владејачката коалиција, кога тактички не му беше одземен имунитетот, деновиве беше меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го поддржаа пакетот реформски закони што ги подготви Министерството за правда. Законите за судови, за управни спорови и за прекршоци беа усвоени со по 84-85 гласа, а во меѓувреме главната владејачка партија соопшти дека се враќа во процесот „Жан Моне“. Овој процес опозицијата го напушти кога беше отворена новата истрага за 27 април, која води до организаторите на насилствата во Собранието, меѓу кои е осомничен и Вељаноски, покрај експремиерот Никола Груевски. ВМРО-ДПМНЕ тогаш објави дека нема да ги гласа реформските закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, но деновиве стана очигледно дека главната опозициска партија го сменила ставот.
Иако со тоа што Вељаноски го задржа пратеничкиот имунитет отпадна главниот аргумент на ВМРО-ДПМНЕ за бојкот на дијалогот, сепак, информациите во политички кругови се дека притисокот од дипломатите бил од клучно значење за ВМРО-ДПМНЕ да почне да демонстрира конструктивност во политичкиот дијалог. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, побара вчера лидерска средба за усогласување на законот за Јавно обвинителство, така што не е исклучена средба меѓу премиерот Зоран Заев и опозицискиот лидер Христијан Мицковски до крајот на оваа седмица. Инаку, само ден пред Мицевски да побара лидерска средба, од ВМРО-ДПМНЕ испратија соопштение од разговорите на Мицкоски со Рикер. Ако се суди според соопштението, Мицковски жестоко ја критикувал Владата пред американскиот дипломат оценувајќи дека ги злоупотребува институциите, нарачува обвиненија, притвори и пресуди. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочил дека власта сериозно ја нарушува правната држава и владеењето на правото и дека тоа ја уназадува државата во поглед на исполнување на стратегиските приоритети и демократските процеси. Сепак, како што се соопштува. соговорниците се согласиле дека членството во НАТО и во ЕУ е клучен фактор за стабилност во нашиот регион и дека е потребна поддршка која ќе придонесе за остварување на тие цели. (А.М.М.)