Поднесена кривична пријава против Љуљзим Баша поради клевета


Лидерот на албанските опозициски демократи Љуљзим Баша доби кривична пријава од координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија, Таулант Бала, поради клевета.

Бала кривичната пријава ја поднесе денеска во Обвинителството за тешки кривични дела во Тирана, во која Баша се обвинува и за „издавање тајни од истрага“.

Пријавата Баша „ја заработи“ поради минатонеделната изјава во албанскиот Парламент, дека пратеникот од редовите на социјалститите Таулант Бала, „пред три дена бил во Германија, купил авотмобил ’Тојота јарис’ натоварена со 1,5 милиони евра од дрога“.

Само два дена потоа во најголемото албанско пристаниште Драч, беа запленти беа три милиони и 470 илјади евра откриени во два автомобила „Тојота јарис“ при влез во Албанија. Автомобилите, без регистарски таблички, заедно со уште седум други биле транспортирани од Белгија од албанска фирма регистрирана за транспрот, со траект кој сообраќа на релација Анкона-Драч.

Бала веднаш демантираше дека има било каква поврзаност со случајот и најави дека ќе го тужи Баша за клевета, но и деконспирација на полициската акција, со што овозможил дел од лицата вмешани во случајот да и побегнат на полицијата.

Во пријавта се наведува дека Баша како политичар не би можел да има сознанија за акцијата, но дека за тоа сигурно добил информации од полициски извори.