Подемот и… подемот на Виктор Орбан


Љупчо Поповски

Унгарскиот премиер Виктор Орбан е извонреден пример како еден огнен борец за демократија може да се трансформира во авторитарен лидер и да заборави на сѐ за што се залагал само поради една цел – целосно да го контролира општеството кое него го произведе. Во политичката хиерархија на Европската Унија тој често беше сфаќан како аутсајдер, чии гласни популистички ставови беа на периферијата на европската мејнстрим-политика, но работите се променија кога неговата нелиберална демократија (инспирирана од Русија, Кина и Турција) почнаа да ја следат и други влади од посткомунистичка Европа.

Анкетите покажуваат дека партијата на Орбан, Фидес, ќе победи на изборите в недела и тоа ќе биде нејзин трет последователен мандат (има уште еден, од 1998 до 2002 година). Анкетите, исто така, покажуваат дека таа победа нема да биде со двотретинско мнозинство како во 2010 година, но и таква победа може да се прогласи за триумф над слабата и поделена опозиција. Пред еден и пол месец во годишното обраќање до нацијата Орбан ја оцрта популистичката реторика која ја водеше во кампањата и која треба да ги одреди координатите за наредните четири години: „Се собираат темни облаци, а Унгарија е последниот бастион во борбата против исламизацијата на Европа“; „Ние успеавме да ги отфрлиме заканите врз унгарскиот начин на животот што доаѓаа од политичарите во Брисел, Берлин и Париз“; „Ние мислиме дека Европа е последната надеж за христијанството. Ако на стотици милиони млади луѓе им се дозволи да се движат кон север, тоа ќе биде огромен притисок врз Европа. Сите овие земји и сите големи европски градови ќе имаат муслиманско мнозинство“.

Ставовите на Орбан околу мигрантите, судирот со Европската Унија, подјармувањето на судството и медиумите и крстоносната војна против Џорџ Сорос се познати, многу повеќе е интригантна неговата трансформација и неговиот постојан подем. Неговата приказна има големо значење за тоа како историската транзиција на комунистичките земји, која изгледаше неповратна пред десетина години, сега доби дијаболичен облик и се претвори во закана за европските вредности на целиот континент, па дури и за неговата иднина. Унгарија го запозна Виктор Орбан во јуни 1989 година, кога како млад политички активист со долга коса, одржа огнен говор пред 250.000 луѓе на „Плоштадот на хероите“ во Будимпешта, кога се извршуваше церемонијално повторно погребување на лидерите на антикомунистичкото востание од 1956 година. Младиот 26-годишен Орбан тогаш повика да се одржат слободни избори и советските трупи да се повлечат од неговата земја. Орбан многу брзо се издигна од провинцискиот пејзаж на неговото родно место Фелчут во студентски антикомунистички лидер. На колеџот „Бибо“ за напредни студии и професорите и неговите колеги веднаш го препознаа интелектот на младиот Орбан. Неговиот политички сојузник од тоа време, Габор Фодор, со кого ја делел собата и заедно ја формирале партијата Фидес (во превод тоа значи Сојуз на млади демократи), вака го објаснува Орбан од тие години: „Тој беше многу паметен, многу храбар и полн со енергија“.

Во 1988 година Орбан ги убедуваше неговите пријатели дека е време да почнат сопствено продемократско движење, а не да го чекаат заминувањето на остарениот комунистички лидер Јанош Кадар. Аргументите на Орбан превагнале. Во март 1989 година тие ја регистрираа нивната партија Фидес, а после говорот во јуни, кој го лансираше во политиката, Орбан со стипендија обезбедена од Сорос замина на студии во Оксфорд. Тие студии ги прекина за да учествува во кампањата за првите демократски избори. Фидес имаше либерална идеологија и тогаш освои девет проценти од гласовите и 22 пратеници. Незапирливата желба за моќ го доведе во судир со врвот на неговата партија. Орбан сметаше дека главен непријател на Фидес е другата либерална партија, која тогаш имаше поголема моќ, и ја насочи партијата кон десно. Неговите ставови преовладаа, во годините понатаму либералните конкуренти исчезнаа, а кога тој стана лидер на Фидес во 1993 година, ја објави новата националистичка и конзервативна платформа. За да може да го прошири своето политичко пледоаје, иако дотогаш беше антирелигиозен, тој се сврте кон црквата обидувајќи се да ги придобие руралните Унгарци. Со помош на еден познат калвинистички свештеник организираше тркалезни маси по црквите, беше примен во лутеранската црква, повторно се ожени со својата сопруга во верска церемонија и ги покрсти своите деца.

Патот за успех беше цементиран. Неговите другари од детството и од факултетот ги постави на клучните места во партијата, особено во контролата на финансиите. Во 1998 година победи на изборите и со 35 години стана најмлад унгарски премиер. Таа влада беше коалициска и погодена од многу скандали, особено финансиски. Поразот на изборите во 2002 година од ривалската Социјалистичката партија беше неминовен поради хаотичното владеење. Годините во опозиција Орбан ги искористи да ја реструктуира партијата, да формира партиска машинерија на теренот, да ја засили националистичката реторика, особено зборувајќи за Унгарците во соседните земји, кои останаа надвор од татковината по понижувачкиот договор од Тријанон по Првата светска војна. Социјалистите владееја осум години и нивната власт колабираше поради економската имплозија и понижувачкиот спасувачки пакет од ММФ.

На изборите во 2010 година Фидес освои двотретинско мнозинство. Во партијата имаше размислувања што да се прави со оваа победа – многу членови од раководството мислеа дека треба да се оди со внимателни чекори, но Орбан имаше други планови. Тој сакаше целосна власт за многу кратко време. Веднаш беа направени уставни измени за целосна контрола врз медиумите и судството. Во наредните пет години парламентот усвои повеќе од 1.000 закони, речиси без дебата и тоа често поднесени од пратеници кои ниту ги напишале ниту, пак, ги прочитале. Неговите пријатели беа поставени на врвот од државата. Шефот на кабинетот на Орбан за време на мандатот од 1998 до 2002 година (кој беше директор на колеџот кога студираше) стана уставен судија, а неговите колеги од факултетот сега се и претседател на државата и спикер на парламентот. Орбан акумулираше таква концентрација на моќ во своите раце што е незамисливо за една европска демократија. За неговите одлуки нема приговор ниту, пак, има внатрепартиска дебата пред да бидат донесени. На еден милион Унгарци од соседните земји им даде државјанство и право да гласаат на изборите. „Унгарија никогаш не била посилна од времето на Тријанон“, им зборуваше лани на своите сопартијци.

Во таа негова силна Унгарија неговите најблиски пријатели станаа најмоќните олигарси во земјата. Тие ги добиваа најголемиот дел од договорите финансирани од државата за кои ЕУ одвои неколку милијарди евра, а преку компаниите ги купуваа сите медиуми што беа критични кон владата. Може да изгледа запрепастувачки, но сега во Будимпешта се печатат неколку самиздати (како на гештетнер во комунистичките времиња) и им се делат на луѓето по улиците за да може да прочитаат нешто поинакво од пропагандата во провладините медиуми.

Пред овие избори владата на Орбан ги промени изборните правила за да може да обезбеди победа и со помалку гласови. Изборниот модел во Унгарија е комбиниран – мнозински и пропорционален. Оние изборни единици во мнозинскиот дел кои традиционално инклинираат кон левицата беа променети и им беа додадени нови 5.000 избирачи, што значи дека на левичарските кандидати ќе им бидат потребни повеќе гласови за да победат. Пропорционалниот дел ги фаворизира партиите што добиле повеќе места со мнозинскиот, што значи нов поттик за Фидес во однос на конкурентите. Во една реченица – целиот систем што го изгради поранешниот млад борец за демократија, Виктор Орбан, е еден вид временска машина: политичката ситуација е како во 1960-тите. Има привид на демократија, а во основа има само една партија и една вистина.