Поддржувачите на референдумот пред Влада, „Бојкотирам“ во парк


„Нека ни е честита слободна, суверена, самостојна Македонија!“ Со овие зборови на 8 септември 1991 година, тогашниот претседател Киро Глигоров им го честиташе на граѓаните референдумскиот резултат, со кој се оствари вековниот сон за независна и суверена Македонија. Оттогаш па до денес земјата мина низ многу искушенија и темни периоди. Со низа преговори и договори, сепак, за кратко време, за оваа една година, успеа да се врати на интегративниот колосек. Сега граѓаните се исправени пред уште еден исклучително важен референдум за договорот со Грција кој треба да ја одреди иднина на земјата.

За разлика од пред 27 години, кога 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот гласаа „за“, сега поделеноста во општеството е голема. Внатрешната битка околу признавањето, зачувувањето на идентитетот, јазикот ја доживува својата кулминација. Таа поларизираност очигледно ќе се рефлектира и в сабота во предвечерјето на прославата на македонскиот „трет Илинден“.

Владата, која цврсто стои зад договорот со Грција со кој се отвораат портите на НАТО и ЕУ, е домаќин на централната прослава на Денот на независноста. Ќе се одвива под отворено небо во дворот на Владата, а ќе започне во 18 часот.

Час порано, на неколку стотина метри оддалеченост, во Градскиот парк е најавена народна прослава на роденденот на земјата на движењето „Бојкотирам“. Противниците на референдумот од 19 часот ќе слават и пред Собранието, каде што, како што велат, ќе се слуша музика и ќе се делат маички. Нивната порака е: „Среќен роденден Македонијо, ‘Бојкотирам’ за да не е последен“.

„Заедно одиме напред“ е слоганот на централната прослава на која политичките говори, според информациите, ќе бидат сведени на минимум. Засега предвидено е да се обрати единствено премиерот Зоран Заев. „Вратите се отворени. Поканети се сите граѓани“, изјави вчера на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Предвидена е богата музичка програма која ќе стартува со делот посветен за најмладите. Тие ќе бидат почестени со настап на бендот „Пет плус“. Потоа, според најавите, следува настап на Македонската филхармонија со која сестрите Тамара и Тијана ќе изведат неколку македонските евергрини. Електроакустичен сет, пак, ќе одржи музичарот и диригент Емин Џијан, а прославата треба да се заокружи со настап на неколку диџеи.

Свеченоста се совпаѓа со посетата на германската канцеларка Ангела Меркел. Нејзината агенда вчера сè уште не беше утврдена, а од Владата не одговорија на прашањето дали таа ќе биде присутна на прославата.

„Агендата на германската канцеларка Ангела Меркел не е прецизирана, но нејзиното совпаѓање со македонскиот државен празник укажува доволно за симболиката на нејзината посета“, рече Бошњаковски.

Утре во Скопје, пак, доаѓа австрискиот канцелар Себастијан Курц. Неговата посета се поклопува со прославата на Денот на независноста во македонското Собрание. Од кабинетот на претседателот Талат Џафери информираат дека празникот ќе се одбележи со традиционален свечен коктел во Кристалната сала на Собранието.

„Поканети се многу гости од дипломатскиот кор, претставници на Владата и државните институции, министри, пратеници…“, соопштуваат од кабинетот на претседателот од каде што додаваат дека посетата на Курц не е поврзана со собраниската свеченост. (Н.К.)