Поголем стомак, поголема смртност


Обемот на половината, како мерка за дебелина, е поврзано со бројни болести кои го скратуваат животот.

Податоците од голема студија за навиките во исхраната, спроведена на 105 илјади луѓе постари од 50 години, ширум светот, покажува дека вкупната смртност е директно поврзана со обемот на струкот. Смртноста кај мажите чиј обем е поголем од 120 сантиметри е двапати поголема отколку кај мажите со обем на половината помал од 90 сантиметри.

Кај жените кои имаат обем поголем од 110 сантиметри има 2,4 пати поголема смртност во однос на жените чиј струк е помал од 75 сантиметри.

Секои десет сантиметри повеќе, како кај мажите така и кај жените, го зголемува ризикот од прерана смрт најмалку за 20 отсто.

Лошата исхрана и слабата физичка активност се најважните фактори кои придонесуваат за епидемијата на зголемена телесна тежина и дебелина во светот.

Тие проблеми се сè повеќе присутни и кај популацијата во Македонија. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 62,7 отсто од мажите и 48,4 отсто од жените на возраст над 18 години имаат зголемена телесна тежина, а дебели се 19,6 и 17,2 проценти од нив, соодветно.

Согласно споредбените податоци од спроведувањето на Иницијативата на СЗО за следење на дебелината кај децата во Европа (COSI) во Македонија за 2010 и 2016 година, се гледа дека има зголемување на преваленцата на зголемена телесна тежина или дебелина во 2016 споредено со 2010 година и тоа – кај машките деца од 37,9 на 39,4 отсто, а кај девојчињата од 31,5 на 32,9 отсто.