Повредени двајца војници во тетовската касарна


Со испукан еден куршум од „митралез“ се повредиле двајцата војници на АРМ, потврдија денеска од Генералштабот на АРМ по веста на МИА дека се повредени војници во касарната во Тетово при чистење на оружје.

– Утрово во 9:55 часот, во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово дојде до повредување од огнено оружје на двајца професионални војници на АРМ. Според првичните информации, при чистење на оружје „митралез“ испукан е еден куршум при што со прострелни рани во надколеница и подколеница се повредени професионалните војници М.Ј и В.Ш, се наведува во соопштението на АРМ.

Повредените војници се пренесени во болницата во Тетово каде се утврдени фрактури на коски и по првично санирање на повредите се префрлени на хируршка интервенција на КАРИЛ во Клиничкиот центар во Скопје.

Од АРМ потврдуваат дека двајцата војници се во стабилна состојба и се надвор од животна опасност.

Надлежните органи од МВР и АРМ работат на целосно расчистување на случајот.