Повеќе од 300 илјади граѓани се ослободени од партиципација за здравствени услуги


Нелогично е што 21 отсто од населението е сиромашно, а 25-27 отсто се пријавуваат во ФЗО за да ги добиваат здравствените услуги бесплатно. Има јаз и во трошоците – за сиромашните, државата плаќа по 880 денари месечно, а тие трошат по околу 1.500 денари месечно
Повеќе од 90 отсто од населението во Македонија има здравствено осигурување, што е многу висок процент. Но, се уште има одредена категорија граѓани кои не се вклучени во здравствениот систем, има разлика во бројот на граѓани на кои државата им го плаќа осигурувањето во однос на оние кои по статистички податоци се сиромашни. Општата оценка е дека Македонија има ранлив здравствен систем кој не е баш одржлив.

Ова го рекоа експертите на трибината „Здравството меѓу фискалните притисоци за поголеми инвестиции и потребата за подобро здравје на граѓаните“ што ја организираше Finance Think – Институтот за економско истражување и политики.

Податоците покажуваат дека повеќе од 300 илјади лица се ослободени од плаќање партиципација по различни основи. Поточно, 42.500 лица годишно не плаќаат партиципација за здравствени услуги (исклучок се лекови, ортопедски помагала и лекување во странство), додека 160.000 лица се ослободени од позначаен дел од здравствените услуги. Тука се вклучени пензионерите со ниска пензија за сите болнички услуги и бремените жени, родилките и доенчињата за услугите за раѓањето. Системот ослободува од плаќање партиципација за различни специфични услуги, кои опфаќаат повеќе од 100 илјади лица од населението.

-Заклучокот е дека Македонија има сеопфатно универзално здравствено осигурување. Најранлива категорија се лицата кои немаат лични карти и затоа не можат да влезат во системот на здравствено осигурување. Станува збор за околу 500 лица кои нема да се голем финансиски трошок доколку државата здравствено ги осигура – рече Маја Парнаџиева Змејкова, еден од експертите кои работеа на студијата.

Нелогично е и што 21 отсто од населението е сиромашно, а 25-27 отсто се пријавуваат во ФЗО за да ги добиваат здравствените услуги бесплатно.
Има јаз и во трошоците – за сиромашните, државата плаќа по 880 денари месечно, а тие трошат по околу 1.500 денари месечно. Тоа значи дека се „подјадуваат“ парите на пензионерите или на вработените не на товар на сиромашните, туку на товар на државата.

Половина од трошоците на граѓаните одат за лекови

Експертите се согласни дека за да се направи некое поместување напред, треба да се почне од лековите. Дури 49 отсто од парите што граѓаните ги одделуваат од свој џеб за здравствени услуги, отпаѓаат на лековите.

-Бројот на препишани лекови во последните седум години се зголемил за 119 отсто. Буџетот за лекови е драматично зголемен имајќи во предвид дека ние од свој џеб плаќаме дополнителни пари. Пари за здравствени трошоци има. Прашање е како ќе се распределат – рече Рубинчо Заревски, професор на Фармацевтски факултет.

Македонија во последните 20 години издвојува од шест до десет отсто од БДП, вкупно средства за здравство. Во 2014-та, како последна година за меѓународно споредливи податоци, државата издвоила 6,5 отсто од БДП за здравство.

„Оваа комплексна анализа во оваа студија доведува до заклучок дека во РМ лековите го претставуваат најдоминантниот трошок што го има граѓанинот и го покриваат од своите приходи. Тука се вклучени и лековите што се на позитивна листа (преку плаќање партиципација и доплата за нив 16 проценти), како и лековите што се на позитивна листа, но лицето решава без посета на лекар и без лекарска препорака да ги користи, односно да ги купи, како и да купи и користи лекови што не се на позитивна лица (со или без препорака на лекар)“, се вели во студијата.

Заревски: Буџетот за здравство е двојно помал од буџетот за култура

Оваа студија покажува дека ние досега немаме развоен модел на здравствениот сектор, туку само се справуваме со последиците, оцени Рубинчо Заревски, професор на Фармацевтски факултет.
-Фактот дека позитивната листа на лекови со години не е променета освен што е додаден еден лек на неа, значи дека тука имаме сериозен проблем. Фактот дека буџетот на Министерството за здрсвтво за 2018 година е двојно помал од буџетот за култура, е загрижувачки. Фактот дека имаме 300.000 осигуреници ослободени од партиципација по овој или оној основ, е фрапантен – рече тој.

С.С.З.