Повеќе од 100 пациенти чекаат Национален координатор за да продолжи трансплантацијата


Министерството за здравство досега не избра Национален координатор за трансплантација,по огласот што заврши на 4 – ти овој месец. Националниот координатор е потребен, меѓу другото,  бидејќи без него не може да се формираат ни другите тела важни за да продолжи кадаверичната трансплантација (од починат донор) , на која веќе три години чекаат повеќе од сто пациенти со бубрежни заболувања.

Функцијата е испразнета пред околу пет месеци, кога на претходната координаторка ѝ истече мандатот.

Од Министерството за здравство засега нема информација колкумина се пријавиле на огласот и кога ќе биде направен изборот. Како можен Национален координатор во лекарските кругови се спомнува д-р Маја Мосјова, управителка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

Од здружението „Нефрон“, во кое членуваат бубрежно болни пациенти, велат дека процедурите треба побрзо да завршат, во интерес на пациентите.

-За нас е важно што побрзо да се назначи национален координатор, за да може потоа тој да ги назначи болничките координатори и останатите тела. Тоа е предуслов да продолжи кадаваричната трансплантација што веќе трета година е застаната, а на неа чекаат 150 до 170 типизирани пациенти – вели Душко Ѓорѓиев, претседател на здружението „Нефрон“.

Во условите се бараше кандидатите да имаат завршено Медицински факултет со просек од најмалку 8, положен стручен испит, специјализација од хируршка или интернистичка гранка на медицината, најмалку пет години работно искуство во соодветната специјалност. Националниот координатор за трансплантација го избира Владата по објавен оглас, за период од четири години.

Програмата за трансплантација во Македонија за 2018 година „тежи“ осум милиони денари, односно околу 130.000 евра. Исто така, почна постапката за доделување лиценци за трансплантација на органи кои би требало да се вршат во приватните клиники во државава, идеја за која лекарската фела има сомнежи како тоа ќе функционира и предупредува дека трансплантации може да се прават само во државните клиники.

Последните трансплантации на бубрег од починат донор беа направени во јуни 2015 година. Бројките покажуваат дека годишно на одделите за интензивно лекување има меѓу 250 и 300 пациенти со мозочна смрт. Тоа се околу 600 бубрези што може да бидат трансплантирани на исто толку пациенти. Во Македонија, во периодот од 1996 година до 2011 година се направени 216 трансплантации. Во 2013 година имало 35 трансплантирани пациенти, а во 2014 година нивниот број беше 41 (29 од жив дарител и 12 од кадавер). Следната година беа направени трансплантации кај само 11 пациенти.

С.С.З.