Повеќе од половина Грци против терминот Македонија во името


„Не“ за сложено име со вклучен термин Македонија, велат над половина Грци, односно 59 проценти, покажува последното истражување на јавното мислење во Грција. Во анкетата спроведена од агенцијата Pulse за телевизијата Action 24, за 72% од испитаниците е важен спорот за името, а 65% оценуваат дека се позитивни протестите за „Македонија“. Поголема доверба анкетираните Грци имаат во претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, отколку во актуелниот премиер Алекис Ципрас, за да управува и на најдобар начин за Грција, да го реши прашањето со името.

Во однос на терминот Македонија 59% одговориле дека не се согласуваат, 35% рекле дека се согласуваат.

Против сложено име со терминот Македонија се изјасниле 46% од гласачите на СИРИЗА, 68% од гласачите на Нова демократија, а највисок е бројот на оние кои на последните избори гласале за Златна зора – 79%. Резултатите покажуваат дека поддршката за сложено име е помала од 50% кај гласачите на сите политички партии. Во однос на возраста на испитаниците, највисок е процентот на не прифаќање кај оние што имаат од 30 од 44 години, односно 66% се против терминот Македонија.

На прашањето, колку за Грција е важно прашањето за името, 72% одговориле дека е важно (55% многу важно, 17% доста важно), 11% средно важно, а 11% сметаат дека е малку или дека не е воопшто важно, 6% пак не одговориле. Спорот меѓу Македонија и Грција, според истражувањето, најважен е за гласачите на Златан зора (85%), а потоа, според резултатите, следат оние што на последните избори гласале за Нова демократија (82%) и на владејачката СИРИЗА, со 68% од анкетираните да одговараат дека е многу или доста важно прашањето за името.

Од агенцијата што го спроведе истражувањето, на анкетираните, објави МИА, им ја поставиле дилемата, Алексис Ципрас или Кирјакос Мицотакис – во кој од овие двајца имаат повеќе доверба да управува и на најдобар начин за Грција, да го реши проблемот со името. Тројца од 10 Грци, односно 32%, го избрале лидерот на опозициската Нова демократија, а 24% актуелниот грчки премиер. Четиринаесет проценти рекле ниту еден од двајцата, а 30% не одговориле.

Алексис Ципрас добил 51% поддршка кај гласачите на СИРИЗА, а Кирјакос Мицотакис 66% од оние кои на изборите во 2015 гласале за неговата партија.

Во истражувањето спроведено од 26 до 29 јануари, за грчката телевизија Action 24, од анкетираните се бара да го оценат неодамнешниот протест во Солун и сличните активности поврзани со Македонија. Шеесет и пет проценти го оценуваат сигурно или веројатно позитивно, а само двајца од десет анкетирани (23%) имаат негативно мислење. Најголема поддршка за протестите дале оние што се на возраст меѓу 30 и 44 години (70%) и над 60 години (68%).

Владејачката СИРИЗА, јавува дописникот на МИА од Атина, официјално е против и не ги поддржува протестите, ниту оној што пред 10 дена се одржа во Солун, ниту следниот, закажан за во недела во Атина. Но, според истражувањето, гласачите имаат поинакво мислење. Шест од 10 граѓани кои на минатите избори гласале за СИРИЗА, односно 57% ги оценуваат сигурно или веројатно позитивно собирите за „Македонија“.