Платини: Го наместивме Светското првенство во 1998 година


Поранешниот претседател на УЕФА и француска легенда, Мишел Платини изјави дека Светското првенство во 1998 година било наместено така што домаќините не можеле да се сретнат со Бразил пред самото финале. Франција пред 20 години го совлада Бразил со 3-0, благодарејќи им на Зинедин Зидан и Емануел Петит и по првпат станаа светски шампиони и тоа пред домашната публика. Судејќи според Платини, кој беше еден од организаторите на првенството, „сонот на сите луѓе“ бил да ги види домаќините како ги победуваат повеќекратните прваци во финалето. А, тој лично се погрижил така да биде.

„Кога ја организиравме ждрепката, имаше малку маневрирање, се послуживме со трикови за да не се сретнеме со Бразил пред финалето. Знаевме дека ако ние и Бразил ги завршиме натпреварите од групата на првото место, не може да се сретнеме пред финалето“, вели Платини.

Бразилците во својата група ја совладаа Шкотска и Мароко, а изненадувачки загубија од Норвешка, додека Франција ги доби сите три натпревари од групата Ц: против Јужна Африка, Саудиска Арабија и Данска. Подоцна, Франција во полуфиналето ја совлада Хрватска, а Бразил – Холандија.

„Па, зарем бадијала шест години го организиравме Светското првенство? Мислите дека други не го правеле тоа?“, признава Платини, кој е суспендиран од ФИФА од 2015 година поради финансиски малверзации. Првичната казна од осум години му е намалена на четири.