Пијанистот Дино Имери со јубилеен концерт


Вечерва, во 20 часот, во големата сала на Македонската филхармонија, нашиот пијанист Дино Имери ќе одбележи значаен јубилеј – 10 години уметничка кариера.

Специјални гости на концертот ќе бидат Влатко Стефановски, Благој Нацоски, Камерниот оркестар на МММ и Дијана Имери Илкоска како диригент, Бојан Илкоски, Марија Јакимовска, Богдана Бушевска, Биљана Јосифов, Инес Неделковска, Ади Имери и Ивана Коцевска, а водител ќе биде Јана Серафимовска.

На концертот ќе бидат изведени дела од класичниот репертоар како Равел, Пјацола, Дворжак, Доплер, но и авторската композиција на Имери “Сон” напишана за Благој Нацоски, дело од Дамир Имери, како и многу други специјални изненадувања.

Дино Имери (1990) се смета за еден од најреномираните македонски пијанисти на новата генерација класични музичари. Своето образование го стекнува работејќи со проф. Људмила Романова и проф. Борис Романов (во чија класа и дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје со Cum Laude), како и со проф. Симон Трпчески, во чија класа магистрира на само 22-годишна возраст со просек 10 и со почести Cum Laude. Во својата досегашна дејност, Имери имал многубројни настапи во Македонија, но и во странство, и бројни награди.

Концертот е поддржани од Министерството за култура на Република Македонија.