Пишуваат ли Ципрас и Заев нова историја…
Ерол Ризаов
Дали актуелните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев и владините тимови и интелектуални елити на Грција и на Македонија пишуваат нова историја. Или ќе се случи уште еден историски инцидент кој ќе потврди дека двете соседни балкански држави немаат ни човечки, ни демократски, ни европски капацитет да најдат заеднички прифатливо решение кое ќе ги деблокира евроатлантските интеграции на Македонија и ќе ја одреди иднината на младата демократска држава и на два милиони граѓани во европското семејство, каде што и географски и политички припаѓаат. Ако се суди само спoред раздвиженоста од она што се гледа, и особено од она што не се гледа, а допира до јавноста, се добива впечаток дека шансите се големи за закопување на секирата и симнување на еден тежок товар кој политиката за дневни потреби на двете страни го претвори во нерешлив проблем речиси три децении.
Има многу аргументи „за“ и сомнежи „против“ дека (не) се работи за глума пред меѓународната заедница дека двете страни се подговени за компромис и воспоставување меѓусебна доверба која води кон добрососедство и блиски односи. По промената на власта во Македонија и по враќање на демократските процеси, и Брисел и Грција се соочија со реалноста дека Македонија, долгогодишен кандидат за членство во ЕУ и во НАТО, повеќе нема да биде самата виновна и кочничар за почнување на преговорите со ЕУ. Од друга страна, во Македонија нарасна сознанието дека без компромис со Грција, кој ќе ја обележи прецизно припадноста на географскиот поим Македонија и нема да го загрози идентитетот на македонскиот народ, не се можни ни членството во НАТО, ни во ЕУ, со што се ограничуваат развојот и перспективите на Македонија. Веќе на сите им е јасно дека во овој спор факторот време оди на штета само на Македонија. Грција ништо не загуби од наметнатиот спор, а Македонија загуби многу. Одамна, најдоцна заедно со Хрватска, ќе станеше членка на НАТО пред девет години и на ЕУ пред пет години. Колкава е оваа загуба сѐ уште никој не пресметал.
Се разбира, Брисел воопшто не е загрижен за протекционизмот на ЕУ, велат такви се правилата во Премиер лигата, а Америка никогаш не мора да ја оправдува ни својата агресивност, а уште помалку својата индиферентност, а најмалку да ги појаснува своите интереси. Кој не го научил тоа, не треба да се занимава со политика.
Овој пат картите на Балканот се наредени во многу поповолни услови. Прво во двете земји се одвиваат засилени процеси кои ги зацврстуваат позициите на политичките лидери, иако владеат со ризично тенко коалициско мнозинство. Грција излегува од економската криза, а Македонија влегува во пострежимска демократија, владеење на правото и расчистување со криминалот и корупцијата. Поголемата заинтересираност на Америка, Русија и Кина за Балканот ја раздвижи и ЕУ да обрне поголемо внимание за иднината на целиот регион. Подобрувањето на односите на Македонија со Бугарија, со Албанија, со Србија и со Косово и одличните односи со Црна Гора, со Хрватска, со Словенија и со Романија и претседателствувањето на Бугарија со ЕУ, се добри знаци на патот на Македонија кон Европа. Тоа го покажуваат и внимателно срочените изјави на премиерите Заев и Ципрас и на министрите за надворешни работи Коѕиас и Димитров во врска со уставното име на Македонија и она што се „крчка“ зад затворените врати на посредникот на Обединетите нации, Метју Нимиц. Првпат откако е наметнат спорот за името на државата се добива општ впечаток дека двете земји во овој момент се најблиску до решение, со една би рекол прилично заканувачка и драматична додавка дека ако овој пат не се најде заеднички прифатливо решение тоа нема да се случи во блиска иднина, со што се запечатува европеизацијата на Македонија на подолг рок.
Меѓутоа, сомнежите дека и овој пат ништо не бидува не се без основа. Не само поради шовинистите и националистите на двете страни, кои се многу силни и моќни и кои заговараат тврди ставови да нема никаков компромис, односно поимот Македонија во никој случај да не смее да го има во името на северниот сосед и од друга страна дека ни запирка не смее да се смени во уставното име на Република Македонија, што автоматски би значело дека нема решение. Тие што добро ја знаат историјата на односите меѓу двете земји и двата народа во подлог временски период, би рекол со векови, се длабоко убедени дека толку се големи и тешки историските наслаги на омраза и нетрпеливост што доколку и навистина постои некаква подготвеност кај премиерите Ципрас и Заев и кај нивните владини тимови за историски чекор, тогаш бидете сигурни дека опструкциите во црквата, во парламентите, во претседателските кабинети на шефовите на државата, во разни интелектуални, писателски и научни асоцијации ќе бидат толку силни што веднаш штом се обелоденат условите за компромис ќе се крене толкав прав што ќе ги затрупа сите добри намери и надежи дека може да се направи нешто повеќе.
Тоа што на едните им изгледа прифатливо и фер за другите е ерес. Еве како тоа би изгледало на конкретен пример. Кажано хипотетчки, дури и да прифатат двете влади географска одредница нова Македонија , северна Македонија, горна Македонија, најчесто спомнуваните имиња во последните лицитации. Ако се остане само на тоа, може и да помине некако во Македонија, што чинам е невозможно во Грција. Ако се постават услови тоа да биде ерга омнес, за сите употреби, да се менува Уставот на Македонија, Македонците сами да се нарекуваат нови Македонци, или северни Македонци, горни или долни Македонци, нивниот јазик да биде горномакедонски, или новомакедонски, тогаш и без референдуми не е можно никакво решение. А, со референдум таквиот предлог би доживеал катастрофа и би означил крај на тазе демократската влада и враќање на режимот на голема врата. Тоа се реалностите што мора да се имаат предвид при одредување заеднички прифатливо решение колку и да изгледа климата поволна во овој момент.