Пирс Броснан за новиот Џејмс Бонд: По Даниел Крег, Том Харди


САД– Поранешната ѕвезда на филмовите со Џејмс Бонд, Пирс Броснан, има јасен фаворит за актерот кој сака следен да се појави во легендарната улога на британскиот таен агент. Тој смета дека откако Даниел Крег ќе заврши со работата на оваа франшиза, улогата би требало да ја преземе Том Харди. Во интервју за „Дејли Мејл“, 65-годишниот актер изјави дека според него Харди ќе се снајде одлично во улогата на Џејмс Бонд.

„Мислам дека (Том) Харди ќе биде добар Бонд. Би бил среќен ако можам да го видам во таа улога. Ви треба актер кој ќе го вметне неговиот шарм во улогата – бидејќи тоа го прави Бонд“, рече Броснан.

Во моментов Даниел Крег и Дени Бојл работат на новиот филм од франшизата за култниот британски таен агент 007, а по завршувањето на филмот истекува договорот на Крег. Тој рече дека нема да ја продолжи соработката со оваа франшиза иако уживал во работата на филмовите во последните 12 години.

„Даниел Крег беше одличен Џејмс Бонд. Тој е физички импозантен и изгледа убиствено. Навистина можете да поверувате дека тој би можел да убие некого“, рече Броснан за Даниел Крег.

Пирс Броснан за првпат се појави во улогата на Џејмс Бонс во 1995 година, а тој ја презема таа задача од Тимоти Далтон. Веднаш по него во улогата на Бонд се појави Даниел Крег во 2006 година, кога го сними „Казино Ројал“.