„Пипл“: Идрис Елба е најсекси маж за 2018


САД– Британскиот актер со холивудска кариера Идрис Елба (46) е прогласен за најсекси маж на планетава за 2018 година, според изборот на магазинот „Пипл“.

– Од неговата улога како нарко бос со која се проби во светот на филмот, преку улога во серија, до неговиот ангажман во франшизата на Марвел („Тор“), 46-годишната британска филмска ѕвезда стана и еден од најголемите, и најсекси, холивудски ѕвезди – забележа магазинот „Пипл“ за Елба.

– Што? Нема шанси! Навистина? Се погледнав во огледало и бев во стилот: па да, денес сум некако секси. Но, да бидам искрен, тоа беше убаво чувство, беше убаво изненадување и поттик за егото, во секој случај, изјавил Елба по прогласувањето.

Идрис Елба е 33. маж што бил избран за најсекси од страна на магазинот „Пипл“, придружувајќи се во долгата листа на мажи што ја понеле титулата. Првата титула му беше доделена на тогаш 29-годишниот Мел Гибсон во 1985 година, а лани за најсекси маж беше прогласен 41-годишниот кантри пејач Блејк Шелтон. Магазинот „Пипл“ секоја година од 1985 наваму избира најсекси маж.

Во 2016 година титулата му припадна на холивудскиот актер Двејн Џонсон,, додека во 2015 тоа признание го доби Дејвид Бекам, а во 2014 година Крис Хемсворт.

На листата низ текот на годините триумфираа и Ченинг Татум, Хју Џекмен, Џорџ Клуни, Пирс Броснан, Бред Пит, Ричард Гир, Том Круз и Патрик Свејзи.