Пет позитивни моменти во македонскиот спорт во 2018 година


1.Емил Павлов стана шампион во карате до категорија до 60 кг. ЕП во Нови Сад

Емил Павлов беше златното македонско момче на Европското првенство во карате во Нови Сад. Во мечот за титула во категоријата до 60 килограми тој го порази Италијанецот Анџело Крешенцо, на поени, со 3:1. На пат до тронот ги исфрли и Доминик Имрач од Словачка, Јасин ал Алтар од Холандија, Црногорецот Ненад Дуловиќ и Летонецот Калвинс Калинс. Тој ќе биде адут за медал на Македонија и на олимписките Игри во Токио во 2020 година што како цел ја најави при изборот за најдобар спортист на годината на Агенцијата за млади и спорт.

2. Димитар Ѓоргиев е новиот европски првак во кикбокс во категорија до 86 кг. на ЕП во Братислава

Македонскиот кикбоксер Димитар Ѓорѓиев се закити со златен медал во лоу кик (категорија до 86 килограми) на Европското првенство во Братислава. Во финалето на татамите во словачката престолнина тој беше подобар од Русинот Рамазан Баксанов за прво континентално злато. Во полуфиналето го совлада Србинот Милош Цвјетичанин, во четврт-финалето го елиминира Турчинот Унал Озлеме. Ѓорѓиев воедно е трикратен светски шампион од првенствата во Скопје во 2011 година, во Анталија во 2013 година и во Белград во 2015 година.

3.Адријана Поп Арсова трипати го соборуваше националниот рекорд во маратон

На Скопскиот маратон истрча 3:05:04 часа, на маратонот во Ајндховен оствари време од 3:00:37 часа, на маратонот во Подгорица 2:59:43 часа. Патеката од 10.000 метри на националното првенство (арена „Филип Втори“) ја совлада за 38:40 минути, а делницата со идентична должина на „Скопје ран“ ја мина за 38:28 минути. Сите пет резултати се државни рекорди што е реткост за македонски атлетски услови и тоа зад едно име. Во случајот на Адријана Поп Арсова, 28 годишната виничанка, кој вредно и посветено работи и се саможртвува за постојан напредок.

4.Фудбалска репрезентација на Македонија се пласира во бараж за ЕП 2020

Зад националниот фудбалски тим е одлична година на резултатски план како ретко кога досега. Освоена е Д дивизија во Лигата на нации на УЕФА што значи преселба во повисок натпреварувачки ранг за сезоната 2020/21, но и пласман во баражот за Европското првенство во 2020 година. Од осумте одиграни меча во изминатите 12 месеца загубен е само еден (од Ерменија – 0:4), ремизира во два (со Финска – 0:0 и со Азербејџан – 1:1) и славеше во пет (против Гибралтар 2:0 и 4:0, против Ерменија – 2:0 и против Лихтенштајн – 4:1, 2:0).

5.Женска ракометна репрезентација на Македонија се пласира во бараж за СП 2019

Ракометарките ја оправдаа довербата и вложувањето на федерацијата за организација на квалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство во 2019 година. Во Скопје ги совлааа репрезентациите на Азербејџан (41:22), на Исланд (29:21) и на Турција (30:23) и го освоија првото место во групата за продолжување во баражот во обид за шесто учество на мундијалите по 1998 година, 2000 година, 2006 година, 2008 година и 2012 година. Домаќин на првенството кон крајот на 2019 година ќе биде Јапонија, а до него ги дели двомеч со Словенија.