Пет млади македонски претприемачи ќе добијат по 4.000 евра за почнување бизнис


До крајот на годинава ќе биде објавен конкурс за млади претприемачи кои сакаат да почнат сопствен бизнис. Најдобрите пет ќе добијат по 4.000 евра.

Ова го предвидува регионалниот проект „Балканско-медитерански центар за иновации и претприемништво“ во кој освен Македонија, се вклучени и Бугарија, Грција, Албанија и Кипар.

Како што изјави денеска проект менаџерот Александар Филиповски, избраните најдобри и најиновативни на конкурсот, од почетокот до средината на 2019 година ќе поминат интензивен циклус обуки и менторирања кој ќе финишира во јуни со доделување на грантовите.

Таргет огласи со кои може да се аплицира се туризам, културно наследство, информациски технологии, животна средина, екологија и агробизнис.

Согласно проектот, отворена ќе биде и веб школа што ќе ги научи младите претприемачи на водење бизнис преку тренинг материјали, курсеви, видеа и други останати корисни алатки.