Петмина приведени за нападот во Стразбур


Француската полиција се уште е во потрага по мажот кој вчера изврши напад на Божиќниот пазар во центарот на Стразбур, а петмина се приведени во рамки на истрагата за инцидентот, изјави државниот секретар на француското Министерство за внатрешни работи, Лоран Нуњез.

Тој истакна дека напаѓачот би можел на побегне во соседна Германија.

Во вчерашниот напад загинаа три лица, а 13 се повредени, од кои осуммина потешко.

Нуњез ги демантираше медиумските наводи дека во тек е полициска интервенција во познатата катедрала во Стразбур, но потенцира дека потрагата постојано го менува правецот.

Според него, напаѓачот е идентификуван како осомничен екстремист, кој издржувал затворска казна, но засега не е познат мотивот за нападот. Локалните медиуми пишуваат дека неговото име е Шериф К. по потекло од Стразбур и има 29 години. На полицијата и е познат по извршени прекршоци во Франција и Германија, поради кои издржувал затворски казни. Во 2011 година бил осуден на две години затвор, вклучувајќи и шест месеци строг затвор.

Францускиот претседател Емануел Макрон во текот на ноќта имал состанок со кризната група , а на Твитер повикал на солидарност кон Стразбур, жртвите во нападот и нивните семејства.

Секторот на париското обвинителство за борба против тероризам покрена истрага за „убиство и обид за убиство во рамки на терористички акт“ и „злосторничко терористичко здружување“.

– Француската Влада го зголеми нивото на безбедност на „вонредно во случај на напад“, а околу 350 полицајци и два хеликоптера и понатаму се во потрага по осомничениот, кој долги години е радикализиран и двапати го кршел законот, изјави францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер.