Петар Атанасов именуван за заменик министер за образование и наука


Собранието на Република Македонија попладнево со 61 глас „за“ и четири против го избра Петар Атанасов за заменик-министер за образование и наука.
Претседателот на Владата Зоран Заев рече дека Атанасов заедно со министерот за образование и наука Арбр Адеми ќе работи на спроведување на реформите во основното и средното образование, новиот закон за високо образование, а во моментот се усвојуваат и статутите на универзитетите во државата.
– Конечна цел е да направиме еден нов прагматизам кој на младите, на децата ќе им се најде во животот согласно потребите на пазарот на трудот и она што претставува очекување и на младите генерации и на нас родителите. Човекот доаѓа со една целосна преокупација, со јасна визија за реформите извлечена од дебатата која постои во општеството. Верувам дека навистина ќе направиме образовен систем кој дефинитивно ќе биде нешто со кое сите ќе се гордееме. Верувам дека успешно ќе ја извршува својата функција како заменик-министер за образование, рече Заев.
Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ рече дека изминативе 15 месеци многу ветувања во образованието не се реализирани од оваа власт.
– Го укинавте екстерното, но ветивте и дека ќе понудите нов концепт за надворешно оценување на знаењата и објективното при оценувањето на учениците и наставниците. Петнаесет месеци чекаме уште таков концепт немате понудено, а граѓаните очекуваат реализација на таков концепт. Денар не е зголемена платата на наставниците, ветувавте дека ќе ги зголемите стипендиите и ученичките кредити и дека ќе го подобрите статусот на ученик и студент, нови студентски домови…, истакна Данев.
Реплицирајќи му на Данев, премиерот Заев рече дека целта е да го подобриме образовниот систем во државата.
– Сето тоа што е добро и создало материјали и е прифатливо во примената на наставата јас лично како претседател на Владата стојам на располагање да го поддржам, па макар пишувало во програмата дека ние ќе го укинеме. Ако е нешто добро можеби не сме биле доволно информирани во тоа време без какви било предрасуди стоиме на располагање. Реформите во образованието ги почнаа првиот министерски состав Десковска и Адеми каде се донесе Законот за високо образование, статутите веќе се преадаптирани. Верувам таа квалитетна дебата ќе донесе квалитетни статути на универзитетите, обезбедивме финансиски средства да се доекипираат сите универзитети, факултети…рече Заев.
Дебатата за Законот за високо образование, потенцира, траеше шест месеци, во тек е дебатата за основното и средното образование, формирани се работни групи. Нагласи дека сакаат да направат образование, кое прво во делот на средното образование ќе продуцира подготвени кадри кои не сакаат да одат во високо образование веднаш да најдат работа, значи со нивна практична едукација, да ги намалат часовите во основното образование, децата да учат тоа што им треба.
– До 15 септември треба да заврши реновирањето на студентските домови. Платите во образованието ќе бидат зголемени за пет проценти, толку можевме со овој буџет тоа да го предвидиме. Се надевам наредните години ќе обезбедиме дополнителни пари за да растат платите и дополнително да бидат мотивирани учителите, наставниците и професорите, додаде Заев.