Пајат: САД се заинтересирани да успеат дипломатските активности меѓу Скопје и Атина


Ние сме мошне заинтересирани да успее дипломатијата што во овој момент е во тек, вели американскиот амбасадор во Грција во однос на разговорите за името меѓу Македонија и Грција.

Говорејќи на панел дискусија во рамките на Економскиот форум во Делфи, Грција, Џефри Пајат, рече дека најдобриот начин да помогне е да не шпекулира премногу околу процесот и перспективите, јави дописникот на МИА од Атина.

– Она што би го кажал е дека е многу јасно за САД дека и двете страни, грчката влада и владата во Скопје ова го гледаат како момент за можност во смисла на тоа, ова прашање да го остават зад себе, рече американскиот амбасадор.

Џефри Пајат, одговарајќи на прашање на панелот објасни дека САД се загрижени за реалното руско влијание на Западен Балкан, а руското влијание е дополнителен поттик за Америка да работи и да инвестира за задржување на европскиот и евро-атлантскиот напредок на земјите од регионот.