Патриоти не врескајте судот работи


Ерол Ризаов

Некој  предавник и изрод, најверојатно и странски платеник  на вратата на скопска единица сабајлево  залепил соопштение:  патриоти, не врескајте бадијала, судот почна да работи. Повеќе не се примаат нарачки.

Додека од обезбедувањето  ја одлепуваа оваа порака ми пријде мојот извор, „длабокото грло“, ми вели оди зад мене и слушај што ти зборувам. Прави се дека не сме заедно.  Добро,  му велам, само малку погласно, не дослушувам. „Длабокото грло“ почна директно: ниту еден за кој  нема докази дека сторил кривично дело на 27 април, лани  пред и во Собранието на Македонија, нема да биде осуден. Ниту еден невин нема да оди во затвор. Како да чув дека истото тоа им го кажал и на Зоран Заев и на Никола Груевски и на претседателот Ѓорге Иванов. Тие три имиња ги слушнав. Груевски прво малку се се потсмирил, а потоа, уште еднаш прашал со неверица: сигурно   никој  нема да биде осуден??? Да, рекол  значајниот човек во хиерахијата на првосудниот систем ,  бидете спокојни, никој  кој е невин и за кој нема докази…. Значи ли тоа дека има виновни кои ќе бидат осудени само за тоа што се патриоти, повторно се вознемирил Груевски. Тоа сега не можеме да знаеме, рекол  „судијата“, за нас во овој  момент сите се невини. Ако се докаже вината и ако има докази, тогаш ќе има и пресуди како што пишува во законот….. Ќе им судите на патриоти само затоа што си ја сакаат татковината, како не ви е срам, му свикал Груевски на судијата. И ние не сакаме да судиме патриоти и невини луѓе, му одговорил  мојот извор.  Доста беше со срамни пресуди, таа ера заврши. Сите што се огрешиле од законот, ќе бидат казнети ако има несоборливи докази…..

Велат, глув ако не слушне, ќе измисли. Но, ве уверувам мене вака ми се слушна утринскиот разговор на паркингот до судската палата. И право да ви кажам,  ме изненадува врескањето на толку многу невини луѓе, познати патриоти, уметници, актери, полицајци кои цел живот гонеле криминалци,  кои ете веќе знаат дека и покрај тоа што нема ниту еден доказ дека се огрешиле,  ќе бидат осудени од воената хунта  само затоа што се вмровци и неизмерно си ја сакаат татковината.

Затоа е неопходно Михајло Маневски,  творецот на правосудниот систем кој  функционираше беспрекорно, да трча од телевизија на телевизија и да појаснува како врвен правник и дежурен пожарникар што значи терористички напад на парламентот. Тоа било кога има експлозија, кога има мртви, кога се пука и се гине. Ова  што се случило на 27 април не било ништо . Влегле сто – двеста патриоти во парламентот, вознемирени што ќе се смени власта  по изборите и, како луѓе што си ја сакаат татковината, сакале да спречат такво предавство. Ништо друго.  Зошто тие луѓе би биле  виновни ако  во нивниот херојски поход  никој  не ги спречил, туку згора им помогнал отварајќи им ги вратите на Собранието , а со нив  заедно биле и повеќе полицајци и полицијата воопшто не интервенирала. Сите тие всушност според Михајло Маневски треба да бидат наградени што биле учесници во пуч кој требало да оневозможи непријатели и предавници да дојдат на власт. Тоа што се случи на 27 април  воопшто не беше  уривање на уставниот поредок, вели авторитетно Маневски. Тепањето  пратеници од мнозинството кои сакале  да ја преземат власта и да одржат седница не е кривично дело  за кое треба да се судат угледни граѓани, уметници, актери, полицајци, поранешни  министри,  кои имаат семејства и деца. Сето тоа е политичка пресметка со луѓето што не ја поддржаа Тиранската спогодба,  сакаат да им судат на патриотите,  тие што бараат слобода за убијците на петте момчиња кај Смилковското езеро,  тоа се заштитници на  терористите кои убија осум полицајци  во Диво Насеље во  Куманово, тоа е режимот на Зоран Заев.

Практично, Михајло Маневски успеа да докаже дека кога приведува полицијата и судат судиите кога е на власт  ВМРО ДПМНЕ, тогаш тоа е владеење на правото и висок дострел на демократијата. Кога истите полицајци апсат и кога истите судии судат кога ВМРО ДПМНЕ е во опозиција, тогаш тоа е апсење на сопствениот народ , политички реваншизам,  одмазда на хунтата и Македонија е  пак  заробена држава.

Михајло Маневски ќе мора да се договори со себеси дали тоа што го гледаме и слушаме е резултат на неговите судски реформи, или тој  самиот е резултат на осакатениот од него  македонски правосуден систем. Лично мислам дека во прашање е и едното и другото, а има и трето:  судиите  веќе го земаат делењето на  правдата во свои раце. Тоа е изгледа најголемиот проблем на Маневски.