Патот до Водно поплочен со „шпиони“?


Тврдењето на кандидатот за шеф на државата на владејачката коалиција Стево Пендаровски дека го следи тајна разузнавачка служба, односно структури „блиски до една голема опозициска партија“, беше повод за првиот, барем засега, директен „вербален контакт“ преку медиумите со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Таа излезе со реакција за јавно искажаниот сомнеж на Пендаровски користејќи го, намерно или не, терминот „странски служби“ што нејзиниот противкандидат не го спомена во разговорот за 1ТВ, а кој не така одамна беше еден од омилените во речникот на експремиерот, сега азилант Никола Груевски.

„Вознемирена сум од сомнежот на противкандидатот за претседател на Македонија, Пендаровски, дека е следен од безбедносните служби на некоја странска држава. Се прашувам, ако некој што речиси одраснал во безбедносните служби и кој бил национален советник за безбедност дури на двајца претседатели се чувствува небезбеден, што да очекуваме ние, останатите противкандидати?“, прашува таа.

Силјановска го охрабри Пендаровски да го пријави случајот.

„Сомнеж за следење во земја која штотуку не влегла во НАТО и очекува датум за преговори со ЕУ е нешто што сите треба да нè загрижи“, порача таа.

„Странските служби“ добија централно место и во изјавата на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој вели: „Внимавајте, кандидат на власта, во втор обид да биде заштитник на криминалот и на заевизмот, а е фатен во лага како наместо ‘југо’, вози автомобил неколкукратно поскап, обвинува дека бил следен од странски служби! Пендаровски со ова јавно го посочува Оливер Спасовски, неговиот партиски противкандидат дека не работи, дека безбедноста е порозна и дека низ земјата хараат странски служби“, рече Стоилковски.

Во јануари министерот Спасовски тврдеше дека луѓе вработени во МВР или во други државни институции даваат информации за состојбите во институциите до група за проценка во партијата, напоменувајќи подоцна оти никогаш не кажал дека постојат параполициски структури во МВР. Од ВМРО-ДПМНЕ ги одбиваат и тие тврдења, како и тврдењата на Пендаровски во интервјуто.

„Не постојат такви структури за следење“, тврдат од партијата. За СДСМ, сепак, станува збор за сериозни тврдења на кандидатот Пендаровски кои надлежните мора да ги истражат.

„Штом кандидат за претседател зборува за одредени индиции дека е следен од одредени служби од опозицијата, евидентно е дека тие постојат. МВР презеде иницијатива истите да бидат откриени и да бидат изведени пред лицето на правдата“, изјави генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски.

На социјалните мрежи деновиве се појави фотографија на која Пендаровски е сликан на паркинг пред хотелот „Холидеј ин“ во центарот на градот во автомобил „рено меган“ кој, како што вели, е 14 години стар и уредно заведен во анкетните листови на име на неговата сопруга. Таа е трета или четврта фотографија во низа која последните десетина дена е пласирана во јавноста, што беше доволна провокација за Пендаровски да каже дека тие се дело на структури од тајната разузнавачка служба врзани со голема опозициска партија, а не на „гледач репортер“ или „папарацо шема“.

„Тоа се структури врзани со една голема опозициска партија, за која имаше извештаи во јавноста дека на дневна основа прави евиденција каде одите вие, јас… Станува збор за 24-часовно физичко следење на мене, веројатно и на членовите на моето семејство. Дел од тие луѓе работат во институциите, тоа го прават подолго време кон своите политички опоненти“, вели Пендаровски и додава дека со тоа треба да се справат институциите, затоа што по сите индикатори, станува збор за структура која работи на таа тема.

„Овие луѓе го правеа ова и десетина години наназад, не баш во ист број и за среќа не со истите државни ресурси кои ги имаа на времето. Но, за жал, остатоците од тој режим ги гледаме и денеска и тие не смеат да бидат толерирани“, вели Пендаровски.

И безбедносните експерти што ги консултиравме вчера велат дека УБК практично била политичка полиција, но дека состојбите сега се значително променети.

„Незаконското следење и прислушување беше масовна појава. Сегашните состојби се сосема поинакви. Не велам дека нема нарушување на законските процедури, но и да има станува збор за изолирани случаи кои треба да се докажат, за лицата кривично да се гонат. Не сакам ни да помислам дека сегашните раководни структури немаат увид што прават подредените службеници“, вели ексраководителот на секторот за воена безбедност и разузнавање, сега национален координатор за гранично управување Владимир Пивоваров. Самите партии, според него, имаат свои т.н. комитети за безбедност кои, како што вели, често се обидуваат да изигруваат тајна полиција.

„Повторно ќе кажам, доколку станува збор за такви дејствија, тоа мора да се докаже“, нагласува Пивоваров.

Пендаровски се излажал, како што самиот вели, што очекувал вообичаена, рутинска кампања и покрај спротивставените аргументи на двата блока. Сега е уверен дека таа ќе станува валкана. Фактот дека го следат, како што вели, е доволна насока дека тоа ќе биде така. Ќе одговори, како што додава, на начин на кој е примерен на неговите години, искуство и карактер.

„Таков тип подземни кампањи никогаш не ми биле блиски. Ќе одговорам со збор, со аргумент и со образот кој го имам“, вели Пендаровски.

И експертите за комуникации не ја исклучуваат можноста за силна негативна кампања, без оглед на профилот на кандидатите кои, како што велат, не рефлектираат енергија на кандидати кои „ќе се фатат за врат“. Сепак, зад нив, нагласуваат тие, стојат партиски машинерии кои не знаат за пардон.

 

Петар Арсовски: Партиите гледаат сè!

„САД не можат да се ослободат од негативни кампањи и лажни вести, па што останува за нас“, вели комуникологот Петар Арсовски. Точно е дека безбедносните служби, посочува тој, долго време се злоупотребувани за партиски цели и дека опозицијата сè уште има свои „пријатели“ во тие гнезда кои допрва треба да се реформираат со пакетот законски решенија.

„Но денеска секој кој поседува мобилен телефон е практично агент. Фотографиите што излегуваат во јавност не се доказ дека припадници на тајните служби го следат Пендаровски. Најголемите партии имаат меѓу 50.000 и 100.000 члена и илјадници симпатизери. Секој од нив може да му направи штета на политичкиот опонент. И Пендаровски и сите останати кандидати треба да бидат свесни дека стануваат мета на следење од секого. Дека, практично, сите ги гледаат“, нагласува Арсовски.

Наум Котевски