Партиите преку невладини ќе го набљудуваат гласањето


Десетина дена пред одржувањето на референдумот за името, политичките партии се екипираат за техничко следење на граѓанското изјаснување. Додека истурените играчи на терен ја водат кампањата, административниот дел ги привршува своите обврски. Имајќи предвид дека референдумот не е исто што и избори (локални, парламентарни или претседателски), па законски на партиите им е оневозможено да присуствуваат на гласачките места, најважно прашање во моментов е како директно да присуствуваат во просториите каде што ќе се гласа и, уште поважно, каде што се пребројуваат гласачките ливчиња.

„Ќе бидат искористени сите законски можности“, гласи идентичниот одговор што може да се добие од нив.

Неофицијално, поголемите партии ќе го искористат „џокерот“ наречен невладини организации. Законот не дава ограничувања за присуство на граѓанскиот сектор поради што политичките партии ќе уфрлат свои луѓе во невладините, кои ќе внимаваат да нема прекршување на гласачкиот процес.

Дилемата дали на референдумот ќе има излезеност од над 903.000 гласачи, колку што е потребно да биде исполнет цензусот и наједноставно да се направат уставните измени во Собранието, става дополнителен притисок врз набљудувачите. Партиите од опозицијата веќе предупредуваат дека ќе биде невозможно да се посматра изборниот ден пред сè во западниот дел од Македонија, каде што очекуваат низа нерегуларности. Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, јавно изнесе шпекулации за можен фалсификат на референдумскиот резултат од страна на владејачкиот СДСМ. Тој изрази надеж дека граѓаните нема да го дозволат тоа, а тие како политичка партија први ќе застанат на во одбрана на натамошното урнисување на државата.

Но Јанушев не достави никакви докази, па затоа дополнително прашавме во партијата од каде им се информациите за можен фалсификат на резултатите.

„Имаме информации за раздвижувања на служби од МВР со криминални структури во Западна Македонија, потоа се вршат притисоци врз вработени во државната администрација и се врши мобилизација на криминални и улични структури блиски до СДСМ. Во тој контекст, одредени оџи од Кумановскиот и од Тетовскиот Регион агитираат во своите проповеди. Од друга страна, нема никаква реакција од институциите, па и од невладиниот сектор за многубројни прекршувања на правата на граѓаните. Се врши злоупотреба и на децата во кампањата, ама не гледаме реакција на народниот правобранител“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од МВР одговараат дека се сериозна и одговорна институција, која ја гарантира сигурноста, безбедноста и сите законски, човекови права и слободи на граѓаните на Република Македонија, особено правото на слободно изразување и демократски избор.

„Ваквите измислици се крајно несериозни“, враќаат од Министерството за внатрешни работи.

Се очекува за демократскиот неделен ден на 30 септември да се погрижат околу три илјади набљудувачи од земјава и од странство.

„Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во целост ќе ја зачува својата непристрасност при набљудувањето на референдумот. Ангажиран ќе биде тим од 13 експерти, 20 долгорочни набљудувачи и околу 250 краткорочни набљудувачи, кој ќе оценува дали гласањето се одвива во демократска атмосфера и во целосна согласност со меѓународните обврски и стандарди и со националното законодавство“, соопштија од ОБСЕ/ОДИХР, чии претставници досега набљудувале 17 изборни процеси и еден референдум во земјава.

Од Граѓанската асоцијација МОСТ најавија дека за набљудување на референдумот ќе бидат ангажирани околу 1.500 посматрачи на целата територија на Македонија. Заради сеопфатна оценка за текот на референдумот, 80 долгорочни набљудувачи на МОСТ ги следат текот на кампањата/пропагандата и работата на изборните органи, а ќе се набљудуваат и предвременото гласање и постапката за одлучување по приговори.

„Како и на сите изборни процеси, на бесплатната телефонска линија 080 080 080 граѓаните ќе можат да пријавуваат евентуални нерегуларности поврзани со референдумот“, велат од МОСТ.

Горан Адамовски