Пари и партии: За големите пари на големите риби
Здравко Савески
Парите не смеат да влијаат врз изборниот резултат и да одлучуваат кој ќе биде на власт во една демократија. Кој располага со најголема поддршка, тој треба да владее. Но правилата на игра на демократијата во капитализмот се така поставени што немањето значителни финансиски средства го отежнува, па и оневозможува стекнувањето поголема изборна поддршка. Кој има пари може да плати луѓе да се вклучат во кампањата, може да купи медиумски простор и билборди, а може да купува и гласови. Сето тоа не можат да го прават партиите со мала финансиска моќ, нивниот глас недоволно допира до избирачите, па заклучокот е неспорен: парите влијаат врз изборниот резултат.
За да се ублажат екцесите што ги прават парите во политиката, со закон се прават обиди тоа да биде донекаде зауздано. На пример, во некои демократии, пред сè онаму каде што работничкото движење изврши поголемо влијание, целосно е забрането политичкото рекламирање на радио и телевизија (Британија, Франција, Ирска, Белгија). Онаму, пак, каде што демократијата е само фасада, секогаш има дупки во законот низ кои се протуркува влијанието на оние што ги поседуваат парите. Да видиме каква е македонската ситуација.
Според важечките одредби од Изборниот законик, во изборните кампањи партиите се ограничени во трошењето пари до износот од 110 денари по запишан избирач. Навидум, ова дури се чини и рестриктивно решение. Уште и ако се земе предвид дека во 2015 година износот, „драстично“ е намален од 180 на 110 денари, нема кој разумен што ова би го спорел, нели? Но, да видиме подобро. На изборите 2016 имаше 1.784.416 запишани избирачи. Тоа значи дека секој учесник на изборите не смеел да потроши повеќе од 196.285.760 денари (околу 3,2 милиони евра). Одеднаш, сумата не е мала. Напротив. Огромна е. Колку е огромна уште подобро може да се види при утврдувањето на фактичките трошоци на партиите во кампањите. Партијата со највисоки трошоци, ВМРО-ДПМНЕ, потрошила повеќе пари отколку сите други учесници на изборите заедно (два наспроти 1,8 милиони евра), а онаа која потрошила најмалку пари, Левица, учествува со 0,09 проценти од трошоците на партијата која потроши најмногу пари. Кога максималното ниво на трошоци во изборната кампања легализира ваква ситуација, тогаш е јасно дека законот толерира нерамноправна положба на учесниците на изборите и дека законски утврденото ниво на максимални расходи не ја врши својата функција. Изборите во Македонија сведочат за уште подрастично расфрлање со пари во износ од неверојатни 4,4 милиони евра кои ВМРО-ДПМНЕ ги потроши на изборите во 2011 година, но прашањето останува: дали целта на постојната законска одредба е да овозможи барем малку фер изборен натпревар или да ги фаворизира финансиски моќните партии? За потсетување, не така одамна, во 2002 година, максималното ниво на трошоци во изборната кампања беше многу пониско и изнесуваше 15 денари по запишан избирач. Во 2006 нивото порасна на 60 денари, а по само две години скокна на 180 денари.
Треба да се посочат уште две работи поврзани со изборните трошоци на партиите, а кои содржат и понекој трагикомичен елемент. Прво, глобата за пречекорување на максималното ниво на трошоци во кампањата во 2015 година беше зголемена од 4.000 до 5.000 на 9.000 евра. Но, иако глобата е дуплирана, останува фактот дека за партијата која решила да води екстремно скапа кампања со над 3,2 милиони евра, 9.000 евра не претставуваат никаков проблем, туку е само минорно зголемување на изборните трошоци од 0,28 проценти.
Второ, доколку се споредат сумите од финансиските извештаи на партиите од првиот и вториот дел од кампањата во 2016 година со сумите кои тие ги пријавиле во вкупните финансиски извештаи за целата кампања, може да се забележи дека тие речиси во ниту еден случај не се совпаѓаат. Притоа, отстапувањата знаат да бидат драстични. Како најкарактеристичен е случајот со СДСМ кој во вкупниот финансиски извештај пријавил сума која е за 520.000 евра (за цели 94 проценти) повисока од сумата што ја пријавил за првиот и вториот дел од кампањата. Ваквото енормно отстапување, кое не е во спротивност со законот, целосно ја обезвреднува потребата од поднесување финансиски извештаи во текот на изборната кампања и, меѓу другото, им овозможува на богатите партии во текот на самата кампања, значи, пред гласањето, да тераат пиар дека не фрлаат претерани суми пари и така да создаваат позитивен имиџ за себе кај граѓаните.
Некои партии можат да трошат огромни суми пари не само во изборните кампањи, туку и воопшто, бидејќи законот им овозможува енормен прилив. За една партија, како ВМРО-ДПМНЕ да стане најбогата партија во Европа во сиромашна земја како Македонија, не мора нужно да врши незаконски работи. Преку високото ниво и на приватно и на јавно финансирање што го дозволуваат, законските одредби овозможуваат огромно трупање пари во некои партии.
Приватното финансирање на партиите може да го прават и физички и правни лица, при што во Македонија донациите за политичките партии се максимализирани на 150 просечни нето плати од правни лица и 75 просечни плати од физички лица (56.600 евра од правно лице и 28.300 евра од физичко лице), а за време на изборните кампањи – до 30.000 од правно лице и 3.000 евра од физичко лице. Максималните износи на изборните донации во 2006 година беа утврдени на 20.000 и 5.000 евра, во 2014 износот за правните лица скокна на дури 50.000 евра, за во 2015 година да се утврди некаква средна вредност помеѓу првичното законско решение и подоцнежните екцесивни упади во Изборниот законик. Колку е реално да се очекува дека некој би дал 30.000 евра без да очекува нешто за возврат?Јасно е дека се работи за законско решение кое ги фаворизира поимотните граѓани и партиите кои ги застапуваат нивните интереси.
Кај јавното финансирање е особено забележлив обидот со законските одредби да се создаде впечаток кај јавноста дека сумите што ги добиваат партиите не се така високи. Самото јавното финансирање се врши по две основи. По основ на Изборниот законик, секоја партија што ќе освои над 1,5 процент во изборната единица добива 15 денари по добиен глас. По овој основ ВМРО-ДПМНЕ за изборите во 2016 година доби околу 110.000 евра, а СДСМ нешто помалку, 106.000 евра.
Јавноста е далеку помалку информирана за втората, финансиски поважна основа за финансирање на партиите. Имено, годишно, за партиите кои обезбедиле мандати или освоиле 1 процент од гласовите се обезбедуваат пари во износ од 0,06 проценти од вкупните изворни приходи на буџетот на Македонија. Министерството за правда, не ја информира редовно јавноста колку годишно изнесува вкупната сума предвидена за партиите и колку пари на која партија ѝ е префрлено по овој основ. Останува да виси прашањето: зошто е така? За да не знаат граѓаните? Врз основа на барање за информации од јавен карактер обезбедена е информацијата дека во 2017 по овој основ се одвоени 1,7 милиони евра, при што износите за партиите кои добија најмногу се: ВМРО-ДПМНЕ – 407.000 евра и СДСМ – 294.000 евра.
Неколку стотици илјади евра по овој основ, неколку стотици илјади по оној основ, неколку десетици илјади од оваа фирма, па од онаа фирма и – се собираат парите. Во економија која никако да заживее, некои партии вртат големи суми пари. За да не се знаат големите финансиери на партиите, најголемиот прилив на средства се уплаќа преку членовите на партиите, кои, понекогаш, и самите не знаат дека уплатиле донација.
Премногу пари има во политиката во Македонија. А, пари џабе никој не дава. Не може да се очекува ниту да нема корупција, ниту да има фер изборен процес сè додека партиите имаат законска можност да располагаат со огромни суми пари. Треба да се променат законите, но на суштински начин, да не се остава секогаш по некоја вратничка големи суми пари да стигнуваат до партиите. Без тоа во Македонија и понатаму на власт ќе можат да бидат само партии со големи финансиски средства, кои ќе ги застапуваат интересите на оние кои им ги дале тие финансиски средства. А, демократијата нема да биде во интерес на народот.