Паралелниот увоз на лекови следната недела се враќа во процедура


Најдоцна до следната недела предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за лекови и медицински средства ќе биде вратен во процедура, откако Министерството за здравство ненадејно го повлече неколку минути пред почетокот на седницата на надлежната собраниска комисија.

Овој предлог требаше да го регулира паралелниот увоз на лекови, по сомнежите дека во земјава се увезувале неквалитетни или фалсификувани лекови од Турција. Министерството за здравство го повлече предлогот пред нешто повеќе од две недели, со образложение дека има технички недостатоци.

Според нашите информации, неколку здруженија на пациенти и фармацевтски компании реагирале до Министерството барајќи да се измени членот кој регулира од каде да се издава сертификатот за квалитет на лековите. Предлогот на Министерството беше дека сертификатот треба да биде издаден од страна на производителот на лекот или од лабораторија овластена од надлежен орган на земјата производител или од земјата извозник на лекот. Според здруженијата, со таква формулација пак се остава отворена врата за да се увезуваат неквалитетни лекови бидејќи секоја лабораторија е акредитирана и овластена и би било многу лесно да се добие таков сертификат. Тие сугерирале дека сертификат треба да издава производителот на лекот, кој и би гарантирал дека лекот што тој го продава е безбеден, а не лабораторијата.

Овој предлог-закон треба да обезбеди поголема контрола на квалитетот на лековите што влегуваат во Македонија преку паралелен увоз и да ги заштити пациентите од евентуални неквалитетни лекови. Новините се во тоа што државата ќе бара од веледрогериите пообемна документација за лековите што се предмет на паралелен увоз.

„Со воведувањето на паралелниот увоз на лекови во Македонија се намалија цените на лековите кои се употребуваат во здравствени установи, но резултатите од клиничката пракса со употребата на овие лекови не се покажаа најповолни. До Министерството за здравство се поднесени приговори од одреден број здравствени работници, како и од здруженија на граѓани претставници на пациенти со различни заболувања кои се однесуваат на незадоволството од примената на овие лекови и сомнежи во терапевтскиот ефект“, се вели во образложението на предлог-законот.
Јавното обвинителство досега не се произнесе за сомнежите дека во Македонија се увезуваат и се продаваат сомнителни или фалсификувани лекови. Обвинителството отвори постапка на почетокот на декември минатата година и побара информации од Агенцијата за лекови, Лекарската комора, Фондот за здравствено осигурување, МВР, асоцијацијата на странски иновативни компании „Фармабренд нова“ и од две граѓански здруженија за ретки болести.
С.С.З.