Панчевски и Вангеловски повикани на распит за АКМИСОТ, тие не добиле покани


Поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и уште неколку други лица се повикани на распит во Основното јавно обвинителство во рамки на предистражната постапка што беше отворена за неправилностите кои беа констатирани во функционирањето на АКМИС, компјутерскиот систем за автоматско управување со судски предмети во Кривичниот суд, Врховниот и Апелациониот суд.
Панчевски и Вангеловски велат дека не добиле покана. Неофицијално, еден од повиканите лица е осомничен во постапката, а другите се повикани во својство на сведоци.

„Покана не сум добил. Во случај обвинителството да не може да ме најде дома во работно време, може слободно да ме побара во службените простории на Основен суд Скопје 1 Скопје, живо сум заинтересиран за што би ме барало!“, напиша Панчевски на својот Фејсбук профил.
Работната група од Министерството за правда констатираше најголеми неправилности во Кривичниот суд. Се утврди дека таму постоела рачна распределба на предмети која тогашниот в.д. претседател на судот, Стојанче Рибарев, ја нарече „дупли АКМИС“.

Извештајот на работната група беше предаден во Министерството за правда, а сега истрага се води во Основното јавно обвинителство, кое треба да истражи дали има кривична одговорност кај судиите.

Во Врховниот суд, Комисијата констатираше дека минатата година распоредот бил менуван девет пати, АКМИС се применувал според претходно применета рачна прераспределба на предмети.

Најмалку неправилности имало во Апелацискиот суд Скопје каде што е констатирано дека основниот предмет се заведува во АКМИС, но сите дополненија на предметот не се заведуваат, туку се зема бројот на основниот предмет и предметот се чува во регистар.

Во извештајот нема наведено кој бил на чело на судовите во времето кога се правеле неправилности, но според периодот на анализа, Кривичен го водеа судиите Владимир Панчевски, Татјана Михајлова и Стојанче Рибарев, а Врховен го водеше актуелниот претседател.

Работна група од Министерството за правда во октомври минатата година влезе во Кривичниот суд, во ноември во Апелацискиот и Врховниот суд и во сите три суда констатираше неправилности во функционирањето на АКМИС, компјутерскиот систем за автоматско управување со судски предмети.(Ф.Ф.С.)