Пандов: Подобро Џафери привремено отколку претседател за сликање на Водно


Додека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, повторува дека бојкотот на претседателските избори е слепа улица по која нема втор чекор, еден дел од десничарскиот кампус и натаму инсистира да не се излезе на гласање на 21 април, односно на 5 мај. Според нив, новиот станар на Водно ќе ужива во привилегиите што ги нуди претседателската функција, но ништо важно не може да смени на политичко ниво, па не им е јасно зошто раководството на ВМРО-ДПМНЕ инсистира на учество во трката кога не им е удоволено барањето за предвремени парламентарни избори.  Аналитичарот Александар Пандов смета дека земјава се движи по надолна линија во сите полиња, поради што потребна е итна смена на власта, но тоа може да се случи единствено на парламентарни избори.
„Одиме надолу културолошки, безбедносно, економски, а тиранската платформа, Договорот со Бугарија и договорот со Грција ја редефинираа Македонија како држава. Меѓутоа, само со претседателски избори не може ништо да се смени. Што паметиме од десетгодишното претседателствување на Ѓорѓе Иванов? Амнестијата што потоа понизно ја повлече, гаранциите што ги доби од Заев за влада и кои беа само слово на хартија, и говорот во Обединетите нации пред референдумот за името, за кој собра храброст само затоа што е во последната година од мандатот. Без оглед дали на негово место ќе дојде Гога или Стево, ефектот ќе биде ист. И затоа, мојот став е бојкот“, вели Пандов.
Според него, предвремени парламентарни избори може да се предизвикаат само во услови на политичка криза, а тоа секако би бил неуспехот да се обезбеди цензус. На прашањето дали со ослабнувањето на позицијата на опозицискиот кандидат индиректно ѝ се помага на власта, без оглед дали Стево Пендаровски ќе обезбеди доволен број гласови или Талат Џафери ќе стане в.д. претседател на државата, Пандов одговара:
„Јас не го гледам како минус тоа што во 2013 година Џафери беше избран за министер за одбрана, и тоа со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тогаш не им пречеше, не знам зошто сега би им пречело истиот човек да биде привремен шеф на државата во рок од 40 до 60 дена. Притоа, да нема дилема, неговиот избор за парламентарен спикер е нелегитимен. Но варијантата со Џафери како в.д. претседател е поприфатлива отколку да добиеме легитимен претседател во следните пет години кој со изборот ќе им даде легитимитет на сите процеси што ги набројав“, потенцира Пандов.
Тој тврди дека неговиот став ќе беше идентичен без оглед дали кандидат за претседател од редовите на опозицијата е Силјановска или некој друг, потсетувајќи дека уште во ноември минатата година прв го соопштил ставот за бојкот доколку не бидат организирани и предвремени парламентарни избори.
„Голем е бројот на луѓето што го делат ставот за бојкот, а гледам дека голема разочараност владее и кај симпатизерите на владејачката партијата, така што сметам дека двете страни ќе изгубат еднаков број гласови. Имајќи го предвид начинот на кој беше организиран референдумот, немам дилеми дека ќе имаме нерегуларни претседателски избори. Можеби во првиот круг ќе има фер услови, но во вториот не би ме чуделе пресврти како оној на Борис Трајковски врз Тито Петковски во 1999 година. Јас навистина не можам да сфатам како ова не го гледаат во ВМРО-ДПМНЕ, не разбирам каков им е интересот за активно учество на изборите“, заклучува Пандов.


Веднаш по изборот на Гордана Силјановска-Давкова за кандидат за претседател, тој лично му се обрати на Мицкоски кој, пак, на конвенцијата во Струга ги нарече слуги на Заев сите што заговараат бојкот на изборите.
„Ти ли ‘војводо’ дојде ред да ме нарекуваш слуга на Заев? Кој си ти да судиш, народот е врховен судија, ене го каде е април, остави го народот да пресуди кој е предавник и слуга на меѓународна, а кој Македонец, родољуб и патриот! Јас да ти кажам: математички прецизно ти гарантирам историски најслаб резултат на следниве само претседателски избори, тебе и на Гога“, се налути Пандов.
И деновиве, Мицкоски упати порака до граѓаните да не апстинираат од гласање.
„Оваа порака не е до оние уценетите слуги на Заев кои работат на копче. Знам дека тие имаат задача, плус бизнис и притисоци се во прашање, тие се заробениците на Заев и ги има се помалку. Пораката е до оние чесни родољубиви луѓе, интелектуалци и искрени патриоти кои се разочарани од секојдневието. Имаме ист противник, заевизмот е наш противник, исто колку што е и ваш. Но Македонија ни е заедничка. А бојкотот е слепа еднонасочна улица по која нема втор чекор. Тоа е ѕидот на власта. Нема втора опција и решение“, потенцираше Мицкоски.

Горан Адамовски