Пандев: Ќе ми биде чест да ја предводам Македонија на ЕП


Интервјуто со нашиот најдобар фудбалер го направивме во Струмица, во неговото познато кафуле „19“, а повод да дојде во родната Струмица е средувањето на документите за неготото трето дете Софија, која се роди на 23 минатиот месец. Горан Пандев најавува дека  може да ја заврши богата фудбалска кариера идната или најдоцна во 2020 година во неговиот сегашен клуб-Џенова, а најмногу се радува на заршувањето на големиот спортски комплекс во Струмица, чиј инвеститор е.

До кога Пандев планира да игра и дали Џенова ќе биде последната успешна „калчо“ приказна?

– Се надевам дека ќе одиграм уште една или две сезони. Сепак, се зависи од моето здравје. Планирам кариерата да ја завршам во Џенова, во најстариот италијански клуб и навистина ќе ми биде чест таму да завршам со активно играње фудбал.

Дали еден ден се гледаш во родната Струмица, каде ги направи големите фубалски чекори,па и тука да ја завршиш кариерата ?

-Да, тука ги направив првите чекори, во мојот роден град, во ФК Беласица, и да ви кажам најискрено немам некоја желба да се вратам тука и да играм повторно, бидејќи сум во години и знам дека тука во Академија Пандев играат млади фудбалери. Не ми е таков планот. Планот ми, како што веќе реков, кариерата да ја завршам во Италија, каде што ги постигнав моите најголеми успеси, каде што се афирмирав како фудбалер и навистина голема желба ми е да завршам во Италија.

Што очекува капитенот на репрезентацијата од претстојниот избор на нов претседател на Фудбалската федерација на Македонија на 1 септември, место за кое конкурираат четворица кандидати?

-Се надевам дека кој и да дојде за претседател на ФФМ ќе покаже професионалност, бидејќи само така и со борба за доброто на фудбалот и да има голема желба за успех, можеме да одиме напред. Во последните неколку години се направи многу за младинскиот фудбал во Македонија и сметам дека и новото раководство на Федерацијата треба да продолжи по тој пат, бидејќи иднината на македонскиот фудбал е во младите и затоа  треба уште повеќе да се вложува во младите категории фудбалери.

Значи, кој и да победи во трката за претседател на ФФМ од четворицата кандидати треба да го продолжи тој пат?

-Сметам дека треба да продолжи. Јас не можам да знам кој ќе победи во трката за претседател. Само сакам да биде професионалец и човек што го сака фудбалот и се надевам дека на чело на Федерацијата ќе дојде таков човек што навистина ќе вложи во фудбалот и ќе сака и ќе бара само успеси.

Дали со форматот на натреварување лига на нации фудбалската репрезентација на Македонија има шанси да заигра на Европско првенство?

– Во нашата група во Лига на нациите имаме навистина реални шанси и тоа најголеми да се пласираме на едно Европско првенство. Лигата на нации е една голема шанса и се надевам дека ќе бидеме први во групата и потоа ќе разигруваме со другите репрезентации во баражот. Сметам дека оваа генерација на фудбалери може да го оствари овој голем успех-да се пласираме на едно големо натпреварување.

Има ли шанси Пандев да ја предводи репрезентацијата на Европското првенство 2020 година?

-Не знам дали ќе ја предводам. За мене ќе биде голема чест да се пласираме на Европското првенство. Јас сум веќе во години кога размислувам за повлекување од активно играње фудбал, но пак ќе повторам: ќе ми биде голема чест Македонија да игра на едно големо натпреварување.

Академија Пандев веќе е стабилен прволигаш и има развиено своја богата младинска фудбалска инфраструктура во повеќе градови од државата. Какви се визиите за понатомошниот развој клубот и на Академијата?

-Во младинските категории и во фудбалот инвестираме веќе девет години. Вложуваме во младите категории, бидејќи знаеме дека е многу тешко од Македонија да се продаде фудбалер во некој голем клуб од Италија, Германија и Шпанија. Сметам дека се работи одлично. Имаме прв тим, во кој играат многу деца од нашите школи, а тоа ни беше главна цел. Се надевам дека со играњето во првиот тим ќе го добијат потребното искуство и се надевам дека еден Академија Пандев ќе ја гледаме во европските клупски натпреварувања, а со тоа нашите деца полесно ќе можат да најдат ангажман во некој  од големите фудбалски имиња.

Колку ви значи сето тоа на вас како сопственик на Академија Пандев?

-Секој сопственик сака со својата екипа да има успеси. Ние имаме многу млада екипа, но првенството во Првата МФЛ е долго. Мислам дека имаме реални шанси да се бориме за висок пласман, бидејќи повеќе екипи се со изедначен квалитет. Нашите фудбалери треба да го даваат максимумот од себе, да се борат и со малку спортска среќа Академија Пандев може да изненади во втората сезона во Првата МФЛ. И нашите младински екипи покажуваат завиден квалитет и како и минатата сезона кога игравме со помлади категори против повозрасни така ќе биде и оваа. Само така може да се напредува и се надевам дека нашите младински екипи ќе се борат за висок пласман. Резултатите не ни се во преден план. Важно да создадеме неколку младинци, кои ќе настапуваат за првиот тим. Тоа е принципот на нашето опстојување и се надевам дека  следната сезона ќе добиеме фудбалери како Јани Атанасов, кои што можат да заминат во поголем клуб и Академијата едноставно така треба да живее и работи.

Кога планирате да го отворите спортскиот центар кој го градите во Струмица и дали планирате уште да инвестирате во објектот?

– Спортскиот центар на Академија Пандев планирам да биде завршен за пет-шест месеци. Теренот е изграден и може на него да се игра. Сега се работи на трибините и соблекувалните и за еден до два месеци нашиот клуб може да ги игра официјалните натпревари на свој терен. Свеченото отворање се надевам дека ќе се случи до крајот на годината, а засега не планирам други инвестиции.

Се знае ли отсега кој ќе биде поканет на отворањето од големите фудбалски имиња?

-Се уште не сум размислувал за тоа. Засега размислувам целосно да ја завршиме изградбата и потоа ќе размислувам за отворањето. Но, сигурно е дека ќе дојдат мои колеги со кои сум играл во Интер, Наполи, Лацио, а сигурно ќе организираме и еден пријателски натпревар со Интер и доколку ми се остварат желбите ќе биде многу добро.

Неодамна Горан Пандев по трет пат стана татко. Какво е чувството?

-Среќен сум што се роди малата Софија. Со сопругата Надица имавме голема желба да имаме трето дете. Ете Господ ни даде и навистина сме многу среќни, бидејќи семејството е најголемото богатство. Синот Филипо веќе игра фудбал, се забавува, но многу не го форсирам. Заедно со сестрите Ана и Софија нека расте среќен и нека се живи и здрави. (МИА)