Палестинците не сакаат Ерусалим да стане главен град на Израел


Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат, предупреди дека американското признавање на Ерусалим како главен град на Израел би претставувало промовирање на меѓународната анархија.

Тој во реакцијата за медиумските наводи за можното признавање на Ерусалим како главен град на Израел од страна на САД, нагласи дека доколку американската администрација одлучи да се спротивстави на своите меѓународни обврски и историската надворешна политика, така што ќе го признае Ерусалим како главен град на Израел, таа не само што ќе ја промовира меѓународната анархија и непочитувањето на светските институции и закони, туку и ќе се дисквалификува од толкувањето на која било улога во која било иницијатива насочена кон постигнување на праведен и траен мир.

– Таквата одлука ќе придонесе за дополнително дестабилизирање на регионот и ќе обесхрабри многумина од оние кои се уште веруваат дека мирното решение е можно со цел да се оконча над 50-годишната окупација, 70-годишното прогонство и децениското системско кршење на палестинските национални и човекови права – констатираше Ерекат.

Генералниот секретар на ПЛО истакна дека Ерусалим е општествено, политичко, културно и економско срце на Палестина.

– Ерусалим, исто така е и срце на милијарди верници од три монотеистички религии, вклучително и стотици милиони арапски христијани и муслимани. Тој, значи е срце на арапскиот свет. Тој е важен симбол на нашата религија и неговата судбина е клучна за какви било напори кои водат кон мирен и стабилен регион – потенцираше Ерекат.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Геит, изјави во Каиро дека признавањето на Ерусалим за главен град на Израел од страна на Администрацијата на Доналд Трамп ќе го поттикне фанатизмот и насилството и нема да биде во интерес на мировниот процес меѓу Израелците и Палестинците.

– Очајно е што некои настојуваат на реализирањето на тој чекор, без да се земат предвид опасностите кои тој ги претставува за стабилноста на Блискиот Исток и целиот свет – посочи Геит.

Јордан вчера го предупреди Трамп какви опасни последици може да предизвика таков чекор од негова страна, откако беа објавени шпекулации дека тој може да се произнесе по ова прашање уште оваа седмица.

– Таквата одлука ќе предизвика гнев меѓу Арапите и муслиманите, ќе ја зголеми затегнатоста и ќе ги упропасти напорите за постигнување мир, напиша на Твитер јорданскиот министер за надворешни работи Ајман Сафади.

Како што претходно јави МИА, зетот и близок советник на Трамп, Џаред Кушнер, синоќа изјави дека американскиот преседател се уште не донел одлука за премествање на Амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим.

Пред неколу дена американската Администрација соопшти дека Трамп размислува да го пресели седиштето на Амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во Ерусалим, што практично би се сметало за негово признавање за израелски главен град.