Падна цената на нафтата на светската берза


Цената на нафтата на светската берза минатата недела падна од највисокото ниво во последните три години, што е последица на растот на производство во САД и јакнење на доларот откако неколку недели беше под притисок.

На лондонската берза цената на барел нафта минатата недела се намали за 2,7 отсто, на 68,62 долари, додека на американската берза е поевтина за 1,3 отсто, на 65,33 долари.

Цените на нафтата се најдоа под притисок поради растот на производството во САД, но и „заздравувањето“ на вредноста на доларот спрема „валутната кошница“.

– Покрај тоа, берзата на нафтата во моментов е преценета, па некои инвеститори одлучија да повлечат дел од приходите од берзата, вели Абхишек Кумар, аналитичар во Интерфакс Енерџи Глобал Гас Аналитикс (Interfax Energy’s Global Gas Analytics).

Минатите недели цената на нафтата растеше бидејќи, меѓу другото, го поддржа и слабеењето на доларот. Бидејќи цената на нафтата е изразена во долари, послабата американска валута може да ја поттикне побарувачката за нафта, бидејќи нејзината цена е пониска за купувачите кои користат друга валута.