Силјановска за „Независен“: Не ветувам инстант решенија, туку битка за правда на Македонија


Професорката Гордана Силјановска – Давкова ги продолжува своите активности во битката за претседател на државата, а новина за неа е тоа што од викендов знае оти противник во трката за Водно ќе и биде Стево Пендаровски. Нивниот професорски бекграунд, барем засега, остава впечаток дека претседателската трка ќе помине без вообичаената црна кампања, напади и дисквалификации на лично ниво. Но таквата слика можеби е привидна бидејќи зад нив стојат партии што пукаат со сета артилерија, а за очекување е дека тензиите и кај самите кандидати ќе растат како што ќе се доближуваат двата закажани изборни дена.

Силјановска-Давкова стартува со две недели предност, ако се има предвид оти нејзиниот избор на струшката конвенција на ВМРО-ДПМНЕ се случи на 16 февруари. Професорката ги издржа првичните критики и недолични коментари за нејзините години и за изгледот, но веројатно следните денови и недели ќе мора да објаснува како мисли да го анулира или ублажи договорот од Преспа. Решението за името и законот за двојазичност се главните процеси во кои не се согласува со власта, иако се оградува дека не е проблемот во тоа дали и се допаѓаат или не, туку пред сè што се неуставно донесени. Забелешки има практично за сите политики на владата предводена од Зоран Заев. Во изјава за „Независен весник“, Силјановска-Давкова рече дека не ветува работи што не можат да се исполнат дури и ако победи на изборите и го ветува само она што е во рамките на уставните ингеренции на претседателот на државата.

„Надворешната политика, а особено претставувањето на државата надвор и потпишувањето на меѓународни договори влегува во тој домен. Она што го укажував со месеци наназад беше противправната постапка низ која беше донесен овој договор, вклучувајќи го тука и референдумскиот процес. Токму по тие прашања секој меѓународен договор може да биде оспорен согласно одредбите на Виенската конвенција. Значи, зборувам за правна постапка пред надлежна меѓународна институција, а не за политичко ветување. Инаку, во Република Македонија надлежен за уставноста на овој договор е Уставен суд, но тој не работи со правни аргументи. Она што можам да го ветам, без страв дека некого ќе разочарам, е дека прашањето ќе го држам отворено, во секоја пригода кога тоа ќе биде можно“, нагласува Силјановска-Давкова.

Таа вели дека за да се отвори постапка за преиспитување на правната валидност на Преспанскиот договор, потребна е синергија помеѓу Владата и претседателот и верува оти тоа ќе се случи за време на нејзиниот мандат.

„Во меѓувреме, ќе иницирам создавање на експертска група на врвни авторитети од областа на меѓународното и уставното право, кои ќе подготват анализа во кои точки Преспанскиот договор и процесот на негово донесување се во колизија со важечкото меѓународно право. Во дијалог со нашите партнери и сојузници, а особено со нашиот сосед Грција, ќе укажеме дека не сме против добрососедските односи и интеграцијата на Македонија во западните сојузи, туку сме тоа да биде направено на достоинствен начин и во согласност со владеењето на домашното и меѓународното право. Во меѓународните односи ништо не е вечно. Јас не ветувам инстантни решенија, туку битка за правда за Македонија низ цел мандат“, порачува Силјановска-Давкова за „Независен“.

Горан Адамовски