Оффест од 31 мај до 5 јуни во Скопје


17-то издание на фестивалот Оффест ќе се одржи од 31 мај – 5 јуни. Програмата, како и секогаш, вклучува актуелни и врвни имиња од т.н. музика на светот (world music), од Европа, Африка, САД и Австарлија.

Jupiter & Okwess од Конго ќе гостува по вторпат. Fighting Windmills е единствената домашна група, со одличен нов албум, со своја премиерна концертна промоција на „ОФФест“. Dirtmusic е ол-старс група со Крис Екман (The Walkabouts), Хуго Рејс (The Bad Seeds на Ник Кејв) и Мурат Ертел (Baba Zula), и ќе се претстави во едно психоделично-рок издание.

Автентичните Officina Zoe од Италија доаѓаат со својот хипнотички транс. Од Тунис, ќе гостува Ifriqiyya Electrique со шаманско-индустриски-електро ритуал. Ориентален рок со најдоброто од Турција – Gaye Su Akyol и нејзината група. Пополноќна afro-groove забава до утринските часови со DJ Mukambo од Белгија. Магичните Barmer Boys ја продолжуваат вековната индиска музичка традиција. Trans-Aeolian Transmission ќе ни приреди свој специфичен аудио-видео перформанс. И за затворање на фестивалот, африканската кралица – Уму Сангаре. Најголемата африканска пејачка, која доаѓа од Мали.

Во четири вечери (31 мај – 3 јуни), концертите ќе се одржат во Младинскиот културен центар. На 31 мај и 1 јуни со почеток во 21  часот, а на 2 и 3 мај со почеток во 20 часот. Полноќната забава на 2 мај е со почеток по 24 часот во „Клуб Епицентар“. Завршната вечер е на 5 мај во Македонската опера и балет со почеток во 20:30 часот.

Билетите за четирите вечери во МКЦ се по цена од 500 денари за вечер. Билетите за концертот на Уму Сангаре во Македонска опера и балет се со цена 1 200 денари за галерија и 1 500 денари за партер. Билетите за полноќната забава во „Клуб Епицентар“ се со цена од 200 денари. Комплет билетите се со привлечна цена од 1.500 денари за девет концерти. Во комплетот билети не е вклучен само концертот на Уму Сангаре.

За подетални информации посететe ja веб-страницата: www.offest.com.mk и фејсбук-страницата: www.facebook.com/OFFest.